Известувач од Туркије за еМагазин.мк, Силвана Жежова
Туркије е држава која во светот е позната и по својата гастрономија. Секој што ја посетил, се враќа со одредени впечатоци за храната што ја вкусил. Секој регион е со свои специфични традиционални специјалитети. Познатиот туски појадок веќе е кандидат за Листата на нематеријално културно наследство на УНЕСКО.
Посебно треба да се истакнат хотелите во Анталија, кои во зависност од бројот на ѕвезди, се посебна гастрономска приказна, и на туристите им нудат „од пиле млеко“.
Во Анадолија, освен што посетивме археолошки наоѓалишта и природни убавини, групата новинари од Македонија, Србија и Босна и Херцеговина, беше угостена и во традиционални ресторани каде што ги вкусивме нивните специјалитети.
Локумот им е светски прочуен, и еден од најкупувани производи како „поздрав од Туркије“. Во Испарта посетивме работилница за негова изработка, а слаткиот мирис кој се ширеше во околината, го најави целиот производствен процес.
Најпрво, смесата се вари во специјални машини, а потоа истата се излева во калапи кои се посипуваат со шеќер во прав.
Калапите треба да отстојат 24 часа, и потоа веќе стврднатата смеса се става на машини каде што локумот се сече на парчиња.
Бидејќи Испарта е позната по одгледувањето на розите, локумот беше произведен од овој цвет. Исечкан на парчиња, истите се посипуваа со цветови од рози, и така се пакуваа.









Работилница за ткаење на теписи во Ушак
Освен производство на локум во Испарта, во Ушак имавме можност да видиме како се изработуваат теписи, имајќи предвид дека овој град е познат по ткаењето на модели кои се извезувале насекаде во светот, и ги краселе аристократските палати. Овој трговски центар посебно процветал за време на владеењето на Сулејман Величествениот.
Најпознат модел е тепхот со голем медалјон во средината, во кој пак се исткаени декорации кои ја симболизираат вечноста, моќта, благородништвото како и човечки и животински фигури.
Ткајачницата Dokuyan Eller, е под грижа на Општината и во неа еден дел е Музеј, а друг дел продажен центар. Најинтересно за нас беше што го видовме процесот на изработка, а вештината, брзината и прецизноста на жените е за секоја почит. Работеа како машини, нè воодушеви нивното мајсторство во ткаењето.
Вредно работеа според шема, а ние ги замоливме да успорат, за да го разбереме како ги врзуваат чворовите. Некој од нас се обидовме да ткаеме и сфативме дека се работи за исклучително тежок процес.
Теписите и ќебињата произведени во Ушак се светски познати и имаат географска ознака.






Етнографски музеј во Испарта
Туркије е познат извозник на теписи во светот, па оттука освен оние од Ушак, познат бренд се и тие кои потекнуваат од Испарта. Во Етнографскиот музеј има колекција која грижливо е собирана не само од Испарта туку и од регионот. Музејот од 10 ката, располага со повеќе од 3.000 традиционални теписи и килими, од кои само дел се изложени.
Мотивите се специфични за тој регион, и главно ја одразуваат културата и начинот на живот на луѓето таму, со симболи кои биле одраз на она што го гледале во природата.
Низ музејот не прошета нашиот водич Фатих Билгич, кој ни раскажа за потеклото на теписите, на кој регион припаѓале, колку се стари, техниките на нивната изработка, и она по што се уникатни и вредни.
Посебно беше интересна приказната за реткиот експонат на тепих, кој бил ткаен од страна на затвореник во затвор. Редок е и, затоа што е ткаен од маж, имајќи предвид дека со овој занает се занимавале само жените.
Еден од стиловите на ткаење е хереке, а верувале или не, во Кина има град кој се вика Хереке, каде што се произведуваат теписи налик на овие овде.
Во зависност од стилот на ткаење, како и регионот од кој потекнуваат теписите содржат од 800 па се до 3.000 чворови на сантиметар квадратен.









ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: еМагазин.мк/ТГА














