Kнига со сведоштва за исцеленијата на Св.Нектариј Егински кои се случиле кај нас, од Билјана Андоновска

„Божјиот лекар Свети Нектариј Егински“ е нова книга од поетесата Билјана Андоновска, која неодамна беше промовирана со уште една нејзина литературна рожба, збирката-поезија „Твојот крст“.

Во романот за Св.Нектариј Егински, таа одблиску ги претставува најзначајните настани од животот на светителот, преку еден разбирлив и возбудлив раскажувачки стил, за чии што настани кои се одигрувале пред еден век, читателот добива впечаток дека се одвиваат пред неговите очи. Но што е уште поважно, во романот се собрани сведоштва за тоа, како светителот им помогнал на луѓе од овие простори, во исцеленија од различни болести.

Романот содржи две тематски целини, од кои, првиот дел е посветен на животот на светителот. Авторката изнесува интригантни настани, преку кои читателот се запознава со случувања, кои ќе го трасираат неговиот пат на монах, свештенослужител до чинот на митрополит.

Преку внимателно избраните настани од животот на светителот, провејува интенцијата читателите да се уверат во чудата на верата. Од една-страна неправдите и болките, од друга-страна вербата во Бога и светлината на примерот дека, кога се нема никаков сомнеж, тогаш Бог одговaра.

„За Свети Нектариј првпат слушнав кога една моја пријателка се разболе од канцер на своја 29 годишна возраст. Ми раскажа дека од сестрите од манастирот во Рајчица добила масло од кандило од Светител кој помагал на болните со тешки болести. Но, беше загрижена дека маслото и се потрошило. Јас напишав писмо до манастирот во Егина и наскоро од таму добивме масло и икончиња од Свети Нектариј. Мојата пријателка Василка си замина од овој свет, но до последен момент утеха и мир пронаоѓаше само во Свети Нектариј кој и помогна да премине од овој свет исповедана и причестена. После тоа отидов во Егина и Св. Нектариј уште повеќе се прилепи за моето срце.

Кога го добив благословот да пишувам за Св. Нектариј му се молев да ми помогне да ги пренесам страдањата и отфрленоста со која се соочувал постојано. Страдајќи пишував, плачејќи се радував цели две години. Го доживував тоа на еден чудесен начин. Но, секогаш беше тука Св. Нектариј и самиот си наоѓаше луѓе со срца кои можат да ја примат неговата љубов и да помогнат ова дело да биде достапно за читателите,“ истакна Андоновска на промоцијата која се случи во Бигорски манастир.

За исцеленијата на Св.Нектариј, се вели дека се побројни од ѕвездите на небото, и од капките во морето. Дел од чудата кои се случиле на овие простори се запишани во вториот дел од романот, во кој се раскажaни сведоштва на луѓе кои ја почувствувале помошта на овој светител, кој се празнува денеска.

Страниците низ кои се раскажува за овие лични искуства, се самата душа на романот и го прават уникатен. Средбите на луѓето со светителот, се секоја посебна на свој начин. Но заедничко за нив е состојбата во која страдалниците се наоѓале. Во состојба на немоќ, безизлезност, очај по Божја промисла, милиот Св.Нектариј се пројавува и помага.

Душата непогрешиво го препознава моментот на неговото делување, честопати на необјаснив начин. Но низ сведоштвата во овој роман, секое делување на светителот е препознаено, за да биде посведочено, за да послужи за утеха.Всушност една од целите на овој роман, е и во оваа мисија. Читателите кои се наоѓаат во слични ситуации, да знаат дека има излез. Таму каде што овоземните лекари отпишуваат, небесните дејствуваат.

По објавувањето на биографијата за Св. Јоаникиј Ракотински, како и романот посветен на Св.Гаврил Велички напишавте и книга за Св.Нектариј Егински, зошто токму за овој светител, како се роди идејата?

– Моето прво поклоничко патување беше токму за Егина во 2018 година. Оттогаш Св.Нектариј се прилепи за моето срце и го почувствував како многу близок. Некако почувствував должност да го доближам Св. Нектариј Егински до моите читатели и да ја пренесам радоста, љубовта и помошта која може да ја добиеме од еден таков Божји угодник кој секојдневно им помага на страдалниците.

Како дојдовте до контакт до сите оние сведоштва во книгата, кои ја почувствувале помошта и закрилата од Св.Нектариј Егински во нивните најтешки моменти?

– На некои од сведоштвата бев личен сведок низ патувањата за Егина. Некои од луѓето ми пишуваа преку социјалните мрежи, а некои пак чудесно ми ги испраќаше Св. Нектариј тогаш кога најмалку очекував.

Постоеја ли искушенија за време на создавањето, како што и вообичаено се случува при создавањето на вакви дела, и дали имаше и такви моменти кога книгата сама се пишуваше?

– Уште од самиот почеток кога го зедов Благословот од мојот духовник. Епископот Партениј Антаниски, искушенијата беа големи и претешки. Во почетокот се молев Св. Нектариј да ми помогне да ги опишам тие страдања на потценувањето, понижувањето и клеветите со кои се соочувал. Сето тоа го доживував многу силно и на чудесен начин. Но секогаш во тие моменти ме бодреше мојот Старец со неговите мудри зборови: Чедо мое, борба мора да има. Издржи. И после такви тешки моменти ќе добиев повик или порака од некое ново сведоштво, ново чудо, па така сфаќав дека сум на вистинскиот пат. Едноставно чувствував дека Св. Нектариј е со мене постојано.

Ако треба да издвоите момент од нејзиното пишување, кој би бил тој?

– Многу радост почувствував кога разбрав дека токму конзулот од Р. Грција во Битола е правнук на колега на Св. Нектариј од гимназијата Ризарио во Атина. Кога ми раскажуваше конзулот за влијанието кое го имал Св. Нектариј врз неговото семејството  едноставно како да се најдов во скромната куќа на неговиот прадедо во Атина и како токму прадедо му да ми ја раскажуваше оваа вистинска приказна, а како Св. Нектариј да ни се насмевнуваше од фотографијата која прадедото ја чувал на ѕидот како најголемо богатство.

Што ви остави најголем впчеток, слушајќи ги и запишувајќи ги на некој начин тие исповеди на луѓето кои ја поичувствувале помошта и интервенцијата за овој светител?

– Сите тие исповеди ми беа многу трогателни и ги доживував многу емотивно. Св. Нектариј секому му го беше дал токму она што му било потребно и во вистинско време. Што да ви кажам? Солзи, многу солзи. Тага радосна.

На промоцијата која што се случи во Бигорски манастир присуствуваа голем број на верници, и настанот навистина беше торжествен. Какви се нивните и реакциите не луѓето кои ја прочитале? Која е вашата порака која што сакате да ја испратите преку оваа книга и како читателите може да ја набават?

– Морам да кажам дека и промоцијата беше чудо на Св. Нектариј. За толку многу љубов не бев подготвена. Неколку стотина срца чукаа како едно. Тоа беше радост и веселие. Фала и Слава на Бога! Реакциите на луѓето кои ја прочитаа книгата се многу позитивни и за мене охрабрувачки да продолжам понатаму.

Пораката која ја испраќам преку сите мои досегашни книги, па и преку оваа е:

Светителите се столбови кои ја поврзуваат земјата со небото и ги принесуваат нашите молитви кон Бога. Верувајте дека за Бог се е возможно и никогаш не се откажувајте. Бог го има последниот збор.

За жал и покрај големиот интерес на читателите ниту една книжара не пројави интерес за книгата да биде полесно достапна за читателите. Засега единствен начин да се набави книгата е преку мојата официјална fb страница: Билјана Андоновска- писател и поет. Biljana Andonovska- pisatel I poet.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести