Почина Драган Б. Костиќ (75), еден од најпопуларните радио-водители и музички новинари кај нас, човекот со карактеристичен и еден од најубавите гласови, кој го слушавме на радио, на телевизија, на безброј музички настани како водител и диџеј.
Костиќ ја започна кариерата во Радио Скопје, а радио-емисиите кои го прославија се „Диско селектор“ и „Заборави ако можеш“.
На телевизија го имаше своето шоу „Б со точка“, како и онлајн емисијата „Кавервил“.
Костиќ исто така беше и диџеј, голем љубител на ретро музиката, која ја пушташе на голем број на забави во градот.
„Со длабока тага ги известуваме роднините, пријателите и познаниците дека утринава почина Драган Костиќ, сопруг, татко и дедо, на 75-годишна возраст. Последната почит ќе се одржи утре, недела, 21. декември од 12:30 – 13:30 во капелата на гробиштата Бутел
Семејството изразува искрена и длабока благодарност до целиот тим и раководство на Државната неврохируршка клиника во Скопје, особено до д-р Благоја Шунтов, за грижата, посветеноста и хуманоста. Нека му е вечна слава и спомен. Патувај мирно Диско Селекторе!
Погребот ќе се одржи утре од 12:30 часот на Градските гробишта во Бутел,“ пишува на Фејсбук-страницата Диско селектор.
Фото: Фејсбук/Драган Б. Костиќ














