Во периодот од 08 до 14 декември, бројот на заболени во грип е 126, и има зголемување за 31,3% , во однос на претходната недела.
Најмногу заболени се регистрирани во Тетово (30), Куманово (20) и Македонски Брод (18), додека во Скопје се пријавени 15 случаи.
Според старосната распределба, најзасегната е возрасната група од 15 до 64 години со 97 случаи, додека лица над 65 години се 16. Децата од 5-14 години и од 0-4 години се најмалку погодени, со 7 и 6 случаи, соодветно.
Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје апелираат на спроведување на превентивни мерки: често миење раце, избегнување на места со голема гужва, топло облекување, внес на витамини и одмор. Доколку се разболите, важно е да останете дома, да избегнувате блиски контакти, да покривате нос и уста при кашлање и кивање и да користите заштитни маски во контакт со блиските.
Вакцинацијата против грип е најефикасна заштита од ова заболување. За сезоната 2025/2026 година, обезбедени се 80.000 бесплатни четиривалентни вакцини за ризичните групи – постари лица над 65 години, деца од 6 до 59 месеци, лица со хронични болести, бремени жени и здравствени работници. Вкупно до сега се вакцинирани 78.730 лица, со бесплатни или комерцијални вакцини.
Епидемиолошкиот надзор покажува дека грипот сè уште има спорадична активност низ земјата, а процентот на позитивност е под 10%, што значи дека сезоната на грип сè уште не е во полн интензитет. Сепак, бројот на заболени постојано расте, па здравствените власти апелираат на внимание и почитување на мерките за заштита, особено кај ризичните групи.
Фото/Unsplash














