Една од главните точки во годишното обраќање на македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова во Собранието беше европската интеграција на Македонија.
Во својот говор меѓу друго кажа дека за да продолжат преговорите меѓу Македонија и Европската унија (ЕУ), потребна е политичка волја, наша, но и на Унијата.
-Ние сме предложиле повеќе политички решенија, а ЕУ треба да избере едно од нив или да најде самата решение. Ако можеше да го да го направи тоа за Украина и Молдавија, може и за нашата држава, рече таа и повика на национален консензус околу стратешките цели на државата за евроинтеграциите, посочувајќи дека тие не се само административен процес, туку политички предизвик кој бара уставни измени.
-Разногласието за прашања од национален интерес од нас направи слаба држава. Двојните стандарди нè доведоа до чудна ситуација, од една страна сè уште има верба кај граѓаните дека ќе бидеме дел од ЕУ, но и растечки сомнеж дека кога било ќе бидеме дел од Унијата, кажа таа, посочувајќи дека без јасни гаранции од ЕУ и од Бугарија и без соодветни заштитни механизми, со уште една уставна промена, ризикуваме да излеземе од процесот, “исто како што старецот на Хемингвеј излезе од морето, само со рибини коски и со соголен национален и културен идентитет“.
На почетокот се осврна и на трагедијата во Кочани, нагласувајќи дека судскиот процес ќе биде лакмус за довербата во правосудството и за реалната решеност за владеење на правото.
Зборуваше и за реформите во јавната администрација, иселувањето на младите, заштитата на животната средина, борбата против фемицидот и потребата од нулта толеранција кон корупцијата.
Целиот нејзин говор ОВДЕ.
Фото: Кабинет на претседателката














