На денешното рочиште за трагедијата во Кочани, сведочеше и мајката на загинатата Надица Наунова, Габриела Наунова.
Таа меѓу друго кажа дека со ќерка и биле договорени да не излегува кобната вечер, ама таа и рекла дека симпатијата од Штип ќе биде вечерата во Кочани, па одлучила да ја пушти, а таа излегла со другарките.
Се вратила дома околу 10 часот кога последен пат се чула со ќерка и, која веќе била излезена.
Околу 2.40 часот и заѕвонел телефонот, но не успеала да го најде. Заѕвонел и телефонот на нејзиниот сопруг, па се јавила. Се јавила нејзина пријателка која и рекла дека т.н. дискотека гори.
Отишла да провери дали Надица е дома, а кога увидела дека не е дома, со сопругот се упатиле накај „Пулс“.
Се надевала дека ќе ја види ќерка си пред т.н. дискотека, ама наишла на хорор. Сакала да влезе во „Пулс“, но не била пуштена.
-Слушав викотници од левата страна, од кај женскиот тоалет и отрчав таму. Имаше девојчиња, се држеа за шипките и викаа: „Воздух, воздух, дајте ни воздух“, а од таму излегуваше црн чад. Јас само ги прашав: „Надица таму ли е?“ Никој ништо не ми одговори.
Се вратив пред влезот и почнав да кршам, бидејќи знаев дека од другата страна се тоалетите. Сакав да направам дупка во ѕидот за да им влезе воздух на девојчињата. Како што кршев, некој ми подаде некое девојче, целото исцрнето, ама живо. Ја потпрев до ѕидот, ја исправив, ја прашав дали е добро, таа само кимна со главата и јас пак се вратив кај влезот.
Второ девојче што ми го подадоа беше мојата ќерка. Мојот сопруг влегол во дискотеката и ја нашол пред самиот влез. Кога Аце ми ја подаде Надица, ја зедов и клекнав веднаш за да ја држам исправено, очињата ѝ беа отворени. Мислев дека е онесвестена. Почнав да барам помош, некој вода да ми даде.
Едно дете ми даде вода, ја шлапкав, немаше никаква реакција. На сопругот му реков да ја донесе колата. Побарав помош од полицајците што стоеја околу мене. Еден од нив се заврте и ми вика: „Не сум јас обучен за тоа“. Па, дотрча Жарко, сопругот на починатата Моника, тој ми помогна да ја качиме Надица во неговата кола, раскажаа таа меѓу друго.
Потоа ја однела ќерка и во болница, каде и рекле да чека во ходникот.
-Додека се молев во ходникот да ми го спасат детето, дојде доктор Томче, го молев да влезе во сала да ѝ помогне на Надица, ми ги фати рацете и ми рече: „Не е само твоето дете“. Пред салата имаше помала просторија, таму имаше друго девојче кое примаше кислород. Тоа девојче викна и јас отидов кај неа.
А претходно сопругот ми заѕвоне од нечиј друг телефон, ме праша каде сум (се разделиле откако ја нашле, бидејќи отишол да го земе нивното возило, н.з.). Тој кога дојде, праша како е Надица, а претходно излезе една сестра и ми рече дека на Надица ѝ го вратиле пулсот.
Кога викна девојчето, отидов до нејзината соба, имаше еден прозорец од каде се гледаше Надица. Кога видов дека детето ми лежи само на кревет, без никој околу неа, без никој да ми каже дека е почината, целиот свет ми се сруши. Многу е тешко да си го гледаш сопственото дете мртво, рече таа меѓу друго.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: Игор Бансколиев














