Во Србија се запленети пет тони марихуана по потекло од Македонија, а меѓу петмината уапсени е и Иван Драгниќ, еден од основачите и сопственици на фирмата за производство на медицински канабис Алфафарм (Alphapharm Group) ДОО Скопје, регистрирана во Општина Кисела Вода.
Дрогата е запленета во селото Коњух кај Крушевац.
Дека марихуаната доаѓа од Македонија, потврдија од Српското обвинителство за организиран криминал, од каде велат дека „организираната криминална група делувала во меѓународни рамки, така што од почетокот до крајот на јануари 2026 година, на територијата на Северна Македонија набавила пет тони марихуана“.
Потврда стигна и од министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, кој изјави дека дрогата најверојатно потекнува „од јужните соседи“ и дека е најголема заплена на дрога во историјата на Србија.
Од Обвинителството велат дека марихуаната преку граница ја пренесувал Драгниќ, кој ја доставувал до складиште на татко и син – Раде Спасојевиќ и Небојша Спасојевиќ, кои се исто така уапсени и осомничени, и сите тројца завршија во притвор.
Според Обвинителството организатор на групата бил Александар Мијајловиќ, кој е во бегство.
Покрај марихуаната, запленети се и четири автоматски пушки, рачен фрлач и повеќе од 1,5 милиони динари.
Вредноста на дрогата се проценува на околу 50 милиони евра.
Фото: Унсплеш













