Во “Пулс“ имаше хидрант и црево, но немаше вентил, кажа командирот Апостолов, кој и со заштитна опрема, иако не допрел до огнот добил изгореници и пликови

На денешното рочиште за пожарот во т.н. дискотека во Кочани, сведочеше и Драган Апостолов, командир на Територјалната противпожарна едница (ТППЕ) Кочани.

Тој меѓу друго рече дека целата опрема и вработени од ТППЕ Кочани биле ангажирани таа ноќ. Станува збор за девет возила од кои пет биле теренски и навални возила, три џипа со помала носивост на вода и едно командно возило “лада нива“, а била побарана помош и од ТППЕ Виница, Штип, Свети Николе и Пробиштип

Кажа дека кога пристигнал таму во 2:55 часот, од влезната врата на објектот излегувал само чад, а огнот бил распламтен внатре. Горел плафонот, шанкот и бината.

Раскажа дека имало многу деца кои барале помош и со опрема и кислород влегол внатре, каде веќе имало негови колеги, од кои дел извлекувале лица, а дел се бореле со огнот.

-Јас со млазот вода влегов внатре и правев лепеза од вода за да се намали температурата, да не не пеплоса огнот сите, додека останатите извлекуваа лица, рече тој.

Најмногу повредени и починати лица имало во предходникот пред влезната врата, кој според него не бил поголем од три до четри метри.

Рече и дека во објектот било зачадено и многу топло, посочувајќи дека тој и со заштитна опрема, иако не допрел до огнот, добил изгореници и пликови на рацете и главата.

Подвлече и дека пред тоалетот имало сандаче хидрант и црево, но немало вентил и не можеле истиот да го користат, како и расфрлани употребени противпожарни апарати од девет килограми.

Појасни и дека гасењето на пожарот било од две страни, внатре преку главната врата, како и од задната врата, за која рече дека незнае дали била отворена или разбиена, но дека пред неа немало ниту повредни, ниту изгорени, и дека сите се обидувале да излезат преку главната врата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Не можевме да го видиме огнот, беше пригушен поради немање кислород, кажа пожарникар на судењето за „Пулс“

Фото: Игор Бансколиев

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести