Ирена Д. Христов е NLP тренер, Mindfulness Intensive „In-Me“ тренер, Psycho-coach и едукатор, кој работи со млади, родители и луѓе што сакаат да научат нови алатки, да станат едукатори и тренери, да изградат свој бизнис или едноставно да внесат нова свесност во својот живот. За себе вели дека, по 21 година во формалното образование сфатила едно, а тоа е дека промената е единствената константа.
„И кога системот ме замори, одлучив да создадам нов пат,“ додава Христов.
Во интервју за еМагазин вели дека навиката е најголемата пречка за секој еден поединец да биде креатор на сопствениот живот, на сопствените мисли без да биде воден стихијно од маѓепсаниот круг на секојдневието, независно од професијата.
„Ние сме суштества кои функционираме по навика. Не само секојдневната динамика на активности која ни е по навика, ако сакате и мислите ни се навика и емоциите ни се навика, држењето на телото, употребата на зборови…се е навика. Кога ќе дојде моментот да се смени некоја навика на свесно ниво, потсвесниот ум вели „не“, тоа не ми е познато,“ вели Христов.
Вие сте тренер на 5D Coaching Program, која според описот на вашите социјални мрежи се објаснува „како внатрешната работа да стане јасен, применлив и одржлив процес“. Но може ли малку попластично и поразбирливо за читателите, да објасниме што нуди оваа едукација/програма?
– ReSolution 5D Coaching Program е моја авторска програма базирана на моите искуства, едукации кај нас и во странство и истражувања во областа на личниот и професионалниот развој. Во оваа област сум неколку децении, почнувајќи како професор кој работи со најмладата популација. Така ја имав таа можност и привилегија да го истражувам развојот од училишната возраст и сите промени кои се случуваат и како промените влијаат на единката.
Најчесто ние сме фиксирани на надворешноста и надворешните фактори дозволуваме да влијаат на нас, на нашата внатрешност. Сите знаеме дека е важно да бидеме смирени, да се чувствуваме добро, но сето тоа е условено најчесто од надворешната дразба (повратна информација, пофалба, награда…) за да почувствуваме некаква сигурност, да добиеме потврда дека сме сакани, поддржани, сигурни и дека вредиме. Знаеме дека треба да се вреднуваме себе, но сето тоа е информација која ја имаме и се трудиме да ја примениме, но во пракса, барем од искуство можам да кажам дека оди малку потешко.
Зошто? Затоа што немаме тренинг, немаме пракса која ја живееме секој ден, немаме навика да размислуваме на тој начин, да се чувствуваме вредни и прифатени првенствено од самите себе. Ова е програма наменета првенствено за личен и професионален развој и нуди можности и стратегии за сите оние кои работат со луѓе. Секој кој работи со луѓе работи по одредени методологии, има техники, прашања кои му помагаат во работата, но тука јас велам дека ние сме инструмент преку кој се одвива работата со луѓе. А, инструментот за да биде корисен и „точен“, потребно е баждарење, нивелирање. Исто е и со нас. Не значи дека ако имаме одредени квалификации тие важат засекогаш.
Луѓето кои се определиле да работат со луѓе, според мене се определиле за доживотно учење. За да работиме со други луѓе првенствено потребно е ние да бидеме во добра состојба, да знаеме како да управуваме со себе, со своите емоции, своето тело, своите мисли…Но, не на ниво на информација, тоа го имаме, туку на ниво на практика и искуство поткрепено со теорија и докази од пракса. А, тоа го правиме во секојдневието приватно и професионално во сите улоги и идентитети. Тука го вбројувам и родителството, зашто се повеќе родители се соочуваат со проблеми во подигањето на децата.
Која е всушност крајната цел на водството низ таа едукација/програма, со какви вештини се стекнуваат тие кои ја поминале?
-Вештините што се понудени како можност да се стекнат со нив се практични методи од Mindfulness, повеќе видови на коучинг, делови од нлп (невро-лингвистичко програмирање), примена на квантно поле, емоционален код и делови од психосоматика. Сето тоа нуди можност на присутност, да го набљудуваат своето тело, емоциите, мислите. Како сведок да не се врзуваат за нив, туку да ги користат како приемник на информации кои укажуваат каде сме, а каде сакаме да бидеме, како се чувствуваме и што би сакале да смениме и што е најважно како тоа да го направиме. Доколку се квалификувани за работат со луѓе, таа практика можат да ја применат и дури да отпочнат и сопствената дејност, зашто и за тоа се оспособуваат.
За кој е наменета оваа програма?
-Програмата е наменета за луѓе кои работат со луѓе и се разбира имаат компетенции или квалификациии за тоа. Затоа практикувам интервју со пријавените кандидати. Значи тука би ги вброила едукатори, наставници, психолози, педагози, коучеви, тренери и секако, родители.
Колку вештината на контрола на потсвесниот дел и свесната контрола на мислите, може да влијаат врз подобрување на квалитетот на животот и професионално и приватно?
– Нашата вештина да управуваме со потсвесниот дел и свесно да управуваме со мислите имаат најголемо влијание врз подобрувањето на квалитетот на животот и приватно и професионално. Всушност тоа е нашиот живот. Научните истражувања потврдуваат дека 95% од секојдневието сме водени од потсвесниот дел, дел на нашите навики, а оние 5% е работа на нашата свесност. Кога свесно умееме да набљудуваме кои навики не носат во одредена состојба, значи свесно ги дететктираме, многу е полесно да се работи со познато отколку со непознато. А за да работиме со било што потребни ни се насоки и вештини, зашто тука сме дојдени без упатство за употреба.
Од ваше искуство до сега, која е најголемата пречка за секој еден поединец да биде креатор на сопствениот живот, на сопствените мисли без да биде воден стихијно од маѓепсаниот круг на секојдневието, независно од професијата?
– Најголемата пречка за секој поединец да биде креатор на сопствениот живот е НАВИКАТА. Ние сме суштества кои функционираме по навика. Не само секојдневната динамика на активности која ни е по навика, ако сакате и мислите ни се навика и емоциите ни се навика, држењето на телото, употребата на зборови…се е навика. Кога ќе дојде моментот да се смени некоја навика на свесно ниво, потсвесниот ум вели „не“, тоа не ми е познато.
Тој е поврзан со телото и веднаш чувствуваме непријатност и одвраќање, зашто нормално, се работи за нешто ново (а не е автомобил или стан…), нова навика која го пореметува познатото удобно секојдневие. Почнуваат да се јавуваат безброј прашања, за на крајот да се заврши со: „А, па знам јас тоа, сите за тоа зборуваат.“ И во ред е да се знае, но прашањето е: Што правиш ти по однос на тоа прашање? Што практикуваш да измениш ако нешто не ти одговара? Дали редовно практикуваш и остануваш доследен? Затоа е потребно водтво, менторство како поддршка во промените.
И токму затоа, покрај 5D Coaching Program, паралелно развивам и работилници и вебинари кои се природно продолжение на внатрешната работа што ја учиме низ програмата. Работилниците се насочени кон разбивање на длабоки уверувања – оние ментални и емоционални обрасци кои со години несвесно ги носиме и кои тивко го водат нашиот живот, одлуките и реакциите. Вебинарите се посветени на скенирање на телото и работа со емоционалниот код, со цел подобро да се разбере врската помеѓу мислата, емоцијата и телесната реакција. Кога човек ќе научи да го препознае овој внатрешен сигнален систем, добива можност навреме да го сопре стресот, наместо тој да се таложи и да се манифестира преку телото.
Покрај 5D програмата, водам и едукација за НЛП и Мindfulness едукатори, наменета за оние кои сакаат да работат со деца, тинејџери и родители. Оваа едукација не подготвува само за работа со луѓе, туку и за градење сопствен професионален пат, со јасна структура, одговорност и свесен пристап.
Лесно е да се каже, но потешко да се примени. Постојат ли техники кои оваа програма ги нуди, за практична примена на она што се учи низ програма? Односно да се научи како да се контролираат стравовите, да се стопираат различните фантазии на умот кои креираат „реалност“ која нема врска со реалноста, и како да се стопира тој стрес врз телото бидејќи не е во состојба да распознае, дали тоа е вистина или не?
-Целата програма е базирана на практични искуства. Теорија без пракса е информација. Нашето поднебје е пребогато со високо информирани луѓе. Сѐ што се учи на оваа програма (и воопшто во сите мои програми) веднаш се применува не само на едукацијата, туку и после неа. Постојат материјали, снимки и постојано менторство и водство. Да, ги детектираме емоциите во телото, ги наоѓаме тригерите и работиме со нив преку коучинг процеси на водство. За да водиме некого низ процесот треба да знаеме „како“ и ја искусуваме примената на техниките за да создадеме безбеден простор за нас и за клиентите. Клучот на сѐ е во вештината на свесното набљудување, без проценки, без врзувања, без осуда…а тоа се учи.
На 16 февруари ќе организирате едукација, за кого е погодна и што може да очекуваат кандидатите кои ќе се пријават?
– Обуката или тренингот за оваа едукација започнува на 16. февруари. Погодна е за сите кои работат со луѓе како нивна сегашна или идна приватна професија како едукатори, наставници, психолози, педагози, коучеви, тренери и секако, родители. Останати се уште неколку слободни места, зашто работата е во мали групи, како би имале посакуван ефект, интеракција и квалитетна едукација. Кандидатите може да очекуваат дека ќе го добијат токму тоа што им е потребно за подобрување на квалитетот во нивниот личен и професионален развој.














