Претседателката Гордана Сиљановска Давкова по повод Меѓународниот ден на жените и на девојките во науката, ги охрабрува девојките да ја изберат науката.
„Им оддавам признание на сите коишто со умот и со знаењето ја поместуваат границата на можностите и ги охрабрувам оние што допрва ќе тргнат по тој пат!
Во свет во кој премногу долго доминираа силата и оружјето, науката е тивката, но најмоќна револуција. Во неа, жените се незгасливиот жар.
Патот на жената во науката никогаш не бил лесен, туку стрмен, трнлив, исполнет со сомнежи и докажувања. Но, токму затоа женскиот научен пат е величествен. Секоја жена којашто се осмелила да мисли и да осмислува, да истражува и да создава, го турнала светот напред.
Во време кога жените во светот се една третина од научниците, кај нас се речиси половина. Тоа е доказ дека знаењето нема род, талентот нема граници, а во образованието и во науката нема мали и големи држави. Во лабораториите, на универзитетите, клиниките и истражувачките центри, македонските научнички со своето врвно знаење откриваат, предупредуваат, лекуваат, штитат и ја обликуваат иднината,“ вели Сиљановска Дaвкова.
Фото: Кабинет на претседателката














