Осмомартовски марш: Маршираме заедно за да покажеме дека „Нема да нè снема“

По повод 8 март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повикува на традиционалниот марш за женски права што ќе започне во 12 часот во паркот „Жена Борец“.

Маршот ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, во знак на протест и отпор кон фактичкото и фигуративното бришење на жените во нашето општество. Жената постои на маргините на заедницата, како и на маргините на историјата, под континуиран ризик да биде избришана, заборавена, убиена, посочуваат од таму.

„Слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува непоколебливата и нужна борба на жените да опстојат во систем и општество што ја загрозуваат нивната безбедност, не ги штитат од насилници, ги забораваат, ги оставаат на маргините и ги бришат. Што да славиме кога се бориме за опстанок?

Работата на жените е често невидлива, омаловажувана, помалку платена и присвојувана. Жената што работи хонорарно нема здравствено, социјално, ниту пензиско осигурување што дополнително ја отежнува нејзината економска независност и директно влијае на можноста за платено породилно отсуство. На секои десет вработени мажи, има само седум вработени жени.

Минатата година ја одбележаа пет фемициди и рекордна бројка на родово-базирано насилство во последните пет години, а годинава насилството продолжи со огромен број нови случаи каде жените иако пријавувале повторно биле игнорирани. Згора на сѐ продолжува и дискриминација, нападите и општата негрижа кон трудниците, земјоделките, работничките, невработените жени…

Јавниот простор е сè повеќе затрупан со дезинформации кои го релативизираат и нормализираат насилството и го искривуваат поимот за родова еднаквост. Институционалното потфрлање и одбегнувањетo одговорност жената го плаќа со своето здравје и живот, игнорирана кога ќе побара помош и без да дочека правда.

Дополнително, општеството се милитаризира, националистичкиот и фашистички говор се засилува, сведоци сме на војни и еколошки катастрофи, а жените плаќаат од својот џеб за невиденото лакомење на малкумина. Овој систем на нееднаквост и надмоќ преживува на грбот на женската слобода и труд.

Затоа на 8 март повикуваме да маршираме заедно за да кажеме и покажеме дека се сеќаваме, бележиме, продолжуваме да постоиме и се бориме. Маршираме по улиците на нашите градови, за да порачаме: „Нема да нѐ снема“,“ се вели во соопштението.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести