Државата планира уште два чартер лета утре и кон средината на неделата, за извлекување на македонски граѓани од ризичните подрачја на Блискиот Исток.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНР) во моментов работи и на евакуација на македонски граѓани кои се наоѓаат во Бахреин, Катар и Кувајт. Планот е тие најпрво да бидат пренесени во Саудиска Арабија, од каде што во среда се очекува да бидат префрлени со авион кон регионот.
Можно е авионот да слета на аеродромот во Приштина, Косово, по што ќе биде организиран превоз до Скопје.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски апелираше граѓаните навреме да пријават доколку се премислат за евакуација, за да не остануваат празни места во авионите.
Од Израел веќе се евакуирани сите граѓани кои побарале извлекување, освен еден државјанин кој инсистирал евакуацијата да се реализира директно од територијата на Израел. Две групи на граѓани претходно биле извлечени преку Египет.
Според Муцунски, се следи интересот на македонските државјани кои се наоѓаат во ризичните подрачја за да се искористи целосно капацитетот на летовите. Министерството апелира до граѓаните кои се пријавиле за евакуација, а потоа се премислиле, навреме да го пријават тоа.
„Вкупно 14 граѓани кои требаше да бидат на летот од Дубаи за Скопје до последен момент најавувале дека ќе дојдат, но не се појавиле на аеродромот. За среќа, имавме листа на чекање и тие места беа пополнети со други граѓани“, рече Муцунски, додавајќи дека операцијата се реализира со буџетски средства и секое место во авионот треба да биде искористено.
Тој нагласи дека македонските државјани нема да плаќаат за евакуацијата, посочувајќи дека државата има обврска да обезбеди безбедно враќање на своите граѓани во услови на криза.
Повеќе од 600 македонски државјани би можеле да бидат евакуирани во текот на оваа недела, иако бројката може да се менува.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Фото) 151 македонски граѓани од Дубаи слетаа во Скопје, Муцунски им подари на жените цвеќе
Фото: Унсплеш













