Во врска со актуелните информации и случувања поврзани со состојбата на Блискиот Исток, ве информираме дека во моментов нема безбедносни или оперативни ограничувања за реализација на туристичките патувања кон дестинации како што се Кипар, Турција, Египет, Тунис и други туристички дестинации кои се дел од нашата програма, велат од Национална асоцијација на туристички агенции.
Сите летови се реализираат редовно и согласно планираниот распоред, а туристичките агенции и авиокомпаниите не ги откажуваат планираните летови и аранжмани.
„Со оглед на тоа, ги информираме патниците дека во случај патникот да не се појави на закажаниот лет или да не го реализира патувањето, средствата уплатени за аранжманот се сметаат за целосно искористени и не подлежат на рефундација, бидејќи услугата е обезбедена од страна на организаторот и добавувачите на услугите.
Согласно одредбите од Законот за облигациони односи, кои го регулираат договорот за организирано патување, патникот има право во секое време да се откаже од туристичкиот аранжман, но во тој случај е должен да ги надомести договорените отказни трошоци (казнена сума) кои произлегуваат од откажувањето на услугите резервирани од страна на организаторот.
Дополнително, ги информираме патниците дека за уплатени аранжмани за Лето 2026 година за дестинации како Египет, Тунис, Турција и други, кои се резервирани по специјални промотивни цени (first minute, early booking и други промоции), важат посебни услови кои патниците ги прифатиле при резервацијата и уплатата. Во случај на отказ на аранжман од страна на патникот, кој бил уплатен за време на попуст или специјални промоции на агенцијата (т.н. first minute, early booking и слични понуди), уплатениот износ е нерефундабилен, односно не се враќа на патникот и не може да се искористи за друг тип на аранжман.
Патникот може во секој момент да се откаже од патувањето, но отказот мора да биде доставен во писмена форма. Датумот на писмениот отказ претставува основа за пресметка и наплата на отказните трошоци (во однос на основната цена на аранжманот), освен ако со програмата на аранжманот не е поинаку утврдено.
При отказ на аранжман кој е уплатен по редовни цени, важат условите за отказ објавени во описот на конкретниот аранжман,“ се вели во соопштението.
Фото: еМагазин.мк













