Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), по барање на Министерството за внатрешни работи (МВР), спроведе детална контрола на боледувањата кај вработени во МВР, информираа од таму.
Контролите опфатиле 80 осигурени лица, кај кои биле евидентирани вкупно 514 боледувања.
При контролата биле утврдени неправилности кај 29 од контролираните 80 лица, што претставува околу 37 проценти од опфатените случаи.
„Овие 29 лица користеле вкупно 236 боледувања, од кои 100 биле оценети како неуредно издадени, додека 136 биле уредни. Тоа значи дека неправилности се утврдени кај 100 од вкупно 514 боледувања, односно кај околу 19,5 проценти од вкупниот број контролирани боледувања.
Од вкупниот број боледувања 258 траеле до 7 дена, 171 траеле до 15 дена, 83 биле со траење од 30 или повеќе дена.
Најчесто користени дијагнози при издавање на боледувањата биле болести на респираторниот систем (82 случаи), болести на мускулно-скелетниот систем и сврзното ткиво (69 случаи), болести на дигестивниот систем (45 случаи).
Во рамки на постапката, контролирани се и 105 приватни здравствени установи, претежно ординации по општа медицина (98), како и ординации по гинекологија и акушерство (4) и стоматологија (3).
Неправилности биле констатирани кај 29 здравствени установи, од кои 27 од општа медицина и 2 од гинекологија; јавни здравствени установи, при што се утврдени неправилности кај 3 специјалисти; првостепени и второстепени лекарски комисии (ПЛК/ВЛК), при што се утврдени неправилности кај 2 комисии,“ велат од ФЗО.
Најчести утврдени неправилности се неисполнување на задолжителните дијагностички постапки согласно критериумите од Правилникот за оценка на привремена спреченост за работа и надминување на предвидените временски рамки.
За сите утврдени неправилности, во тек се постапки за изрекување казни во вкупен износ од 1,2 милиони денари.













