Хаос и ненормални услови за судење го одложија денешниот долго очекуван старт на судењето за трагедијата кај Темпи, Грција, во која во судир на патнички и товарен воз пред три години на 28. февруари загинаа 57 лица, претежно млади.
Судењето требаше да почне во специјално адаптираната просторија на конгресниот центар на Универзитетот Тесалија во Лариса, која како што пренесуваат грчките медиуми не е соодветна за случај во кој има дури 36 обвинети, а се планирани 353 сведоци.
Поради постојаните прекинување, но и поради лошите услови, стартот беше одложен за 1. април.
Меѓу обвинетите нема политичари. Обвинети се одговорниот на железничката станица во Лариса, поранешни раководители и вработени во железницата, како и во компанијата за железнички инфраструктурни проекти и во Регулаторната комисија за железницата, поранешни директори од Министерството за транспорт и инфраструктура и двајца поранешни високи функционери на „Hellenic Train“.
Пред стартот на судењето имаше и протест во Лариса, а железничките работници прогласија 24 часовен национален штрајк.
Во судскиот процес вклучени се и над 200 адвокати, а пак судскиот предмет содржи над 500 документи.
Се проценува дека судењето може да трае и до две години.
Јавноста во Грција смета дека биле сокриени докази за трагедијата и изминативе години во бројни градови низ земјата се организираа масовни протести.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: Унсплеш/видео: STAR Βορείου Ελλάδος













