На денешното рочиште за пожарот во т.н. дискотека “Пулс“ во Кочани сведочеше Наско Карадаковски, татко на починатиот Александар Карадаковски, кој беше управител на фирмата „МММ кафе“ ДООЕЛ, која управувала со објектот, а почина додека се лекуваше во Литванија.
Според неговиот татко тој се вратил од Скопје во Кочани, каде работел, бидејќи бил пријател со обвинетиот Михајло Јованов, син на првообвинетиот Дејан Јованов Деко.
Карадаковски бил пријавен како управител, без соодветно здравствено осигурување, кажа пред Судот неговиот татко.
Работел во кафулето „Класик“, каде исто така сопственик е Јованов.
Неговиот татко му посочил на Карадаковски да си го среди прашањето со осигурување, а тој му рекол дека не може да се пријави во Бирото за вработување, бидејќи бил управител.
На неговото прашање зошто станал управител му одговорил дека Деко го замолил зошто „немал кого да постави за да не му пропадне лиценцата“.
Син му објаснил дека тој не одел во банка во име фирмата, ниту водел смедководство или слично, а тие работи ги правеле Деко и неговиот син.
Тој посочи и дека син му никогаш не бил сопственик, туку само управител и дека му вршел притисок да си ги среди работите, но тој бил нервозен за тие прашања.
На денешното рочиште требаше да има уште еден сведок, но тој не се појави.
Судењето продолжува во четврток.
Фото: Игор Бансколиев














