Претседателот на Основниот суд Гостивар, Елјеса Алији, од страна на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) е осомничен за мито.
За Алији и судски администратор, ОЈО ГОКК, отвори истрага за кривичното дело “примање награда за противзаконито влијание“.
Според ОЈО ГОКК, тие на почетокот на 2023 година наводно ѝ ветиле на странка дека ќе ѝ помогнат кај судии во граѓански спор.
-Осомничените во периодот од месец јануари 2023 година до 2025 година, заедно, со умисла искористувајќи ја својата службена положба, реално и претпоставено влијание како претседател и судски администратор, барале и примиле парична награда во износ од 8.000 евра, а второосомничениот и износ од 800 евра, со цел да интервенираат кај судија на Основниот суд Гостивар и совет на судии во Апелациониот суд Гостивар за извршување службено дејствие што не би смеело да се изврши, велат од Обвинителството.
За надомест од 5.000 евра тие требало да интервенираат кај судија во Основниот суд Гостивар да донесе решение за повторување на постапката за која била донесена одбивателна пресуда.
-Откако не успеале, повторно, по барање на осомничените на дополнителни парични средства во износ од 3.000 евра требало да интервенираат кај судии во втор степен за укинување на решението со кое не било дозволено повторување на постапката.
Подоцна износ од 800 евра како награда му биле дадени на второосомничениот со цел да заврши работа по однос на доставениот писмен документ од извршител, велат од таму.
Обвинителството за нив побара мерки на претпазливост, односно забрана за напуштање на живеалиштето, обврска да се јавуваат повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Без пасош остана осомничениот за мито претседател на гостиварскиот суд














