На етикета едно, во производот друго: Кај млечни производи утврден помал процент на масти од декларираното

Од 45 мостри од млеко и млечни производи, кај 10 оператори утврдено е дека анализираните примероци не одговараат на одредбите од Правилникот за квалитет на земјоделските производи, односно, со тестирањата констатирано е дека во производите има помал процент на млечни масти од декларираното, информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

„Кај еден оператор со храна, со лабораториско тестирање на мостра од одземените 22 килограми ситно сирење, утврдено е дека биле декларирани 20 проценти млечна маст, а производот содржел само еден процент, за што му е изречена парична казна од 3.500 евра во денарска противвредност.

За измама на потрошувачите, уште на осум оператори (производители и увозници) кај кои се утврдени отстапки од ваков вид, односно разлика во декларираниот и реалниот процент на млечна маст во контролираните млечни производи, изречени им се казни по 1.050 евра во денарска противвредност.

Кај друг оператор со храна, со тестирањата констатирано е дека во производството на млечен производ користел растителни (палмини) масти, за што му е изречена парична казна од 1.300 евра во денарска противвредност. Спорниот млечен производ во вкупна тежина од 500 килограми од овој оператор се повлечени од промет и нештетно уништени на депонија.

Кај оваа категорија оператори со храна, засилените инспекциските контроли од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство ќе продолжат и во наредниот период,“ велат од АХВ.

АХВ земала 91 мостра од млеко и млечни производи и од сувомесни производи, од домашно производство и од увоз, а засега комплетирани се резултатите од тестираните примероци млеко и млечни производи земени од поголемите синџири на маркети во земјава.

Се чека комплетирање и на резултатите за тестираните сувомеснатите производи, за што јавноста дополнително ќе биде известена, велат од таму.

Фото: Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести