Во рамки на Самитот на Западен Балкан во Тиват, премиерот Христијан Мицкоски разговарал за уставните измени на средбата со францускиот претседател Емануел Макрон и и со претседателката на Комисијата, Фон дер Лајен.
„Уставните измени кои ги прифати претходната Влада беа тема на разговорот, но нашиот став е тој, ние заслужуваме многу повеќе од потпросечни политички медиокритети, како што беше претходната влада, да ни ја креираат европската судбина и мислам дека голем дел од земјите-членки на Европската Унија тоа го разбираат. Процесот на проширување е жив и добро е што таа порака денес лидерите на земји-членки на ЕУ ја испратија.“ рече Мицкоски.
Мицкоски е задоволен од средбите со Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц.
„Разменивме мислења за европските перспективи на регионот, предизвиците со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан и важноста од продлабочување на соработката и европската интеграција.
Ваквите средби претставуваат можност за градење нови партнерства и зајакнување на врските кои се од значење за иднината на нашиот регион,“ рече Мицкоски.
Мерц изјави дека и ЕУ има делумна вина за тоа што земјите од Западен Балкан сè уште не ѝ се приклучиле на Унијата.
„Ако веќе 13 години не сме примиле нови членки, тоа покажува дека пропустите постојат и на страната на Европската Унија. И нив сакаме денес да ги надминеме“, изјави Мерц.
Германија и Франција подготвија нон-пејпер насловен „Нов моментум за проширувањето“.
„Разговаравме и за нон-пејперот. Ние имаме свој инпут во сето тоа и свое мислење, го пренесовме. Подетално ќе разговараме сега на работниот дел од Самитот, така што, да бидеме трпеливи, сепак, ова се моменти кога ЕУ јасно кажува дека процесот на проширување е жив“, рече Мицкоски.
















