(Фото) Ден посветен на Дејан Дуковски, автор во фокус – промоција на драми, изложба, разговор

Дејан Дуковски, автор во фокус на 60. јубилејно издание на фестивалот, ќе биде во фокус на програмата на фестивалот денеска. Програмата во негова чест ќе започне во 18 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, со краток настап на студенти на ФДУ, кои работеа со режисерката Шенај Мандак. Ќе следува отворање на изложба на постери од претстави поставени според драмските текстови на Дуковски по цел свет. Авторка на изложбата е Јасмина Алексова.

Веднаш потоа ќе следува промоција на двете книги со драми на Дуковски, во издание на „Арс Ламина“. Ќе се обратат уредничката на книгите, Оливера Ќорвезироска и Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот и авторка на поговорот. 

Изданијата, насловени „ДРАМИ – Книга 1“ и „ДРАМИ – Книга 2“, се објавени во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици“, под импринтот „Арс Либрис“. Во првата книга се застапени драмите: „Балканот не е мртов“, „Буре барут“, „Маме му ебам кој прв почна“, „Другата страна“ и „Празен град“. Во неа има и впечатлив предговор од Слободан Унковски, нашиот истакнат режисер, кој тесно соработува со Дуковски уште од неговите почетоци.

Втората книга ги содржи: „Утерус“, „Изгубени Германци“, „Дух кој оди“, „Последниот балкански вампир“ и „Црно злато (Опиум или Пари)“ – најновиот драмски текст на Дуковски, кој годинава ја имаше својата праизведба во Белград, а до крајот на годинава ќе биде поставен и на сцената на Македонскиот народен театар во Скопје.

Двете книги „Драми“ претставуваат значаен придонес за македонската книжевна и театарска сцена – можност новите генерации да го откријат, а постарите читатели одново да му се навратат на еден од најмоќните драмски гласови кај нас.

Вечерва на програмата се две претстави од официјалната програма – „Чечинџ“ на Јане Спасиќ, на Театар за деца и младинци во 19 часот на сцената 105. Во претставата играат: Никола Наковски, Ангела Димитрова, Бојан Кирковски, Матеа Јанковска, Ненад Митевски и др.

Во 21 часот ќе следува „Случајната смрт на еден анархист“ од Дарио Фо, во режија на Ивана Ангеловска, на Штипскиот театар. Играат: Ефтим Трајчов-Ѓаурски, Милорад Ангелов, Марија Минчева Андонов, Никола Кузелов, Стефанија Митовска и Ава Хусеини.

Вчера започна и пичинг-форумот „Драмолетање 2.0.“, како простор за афирмација на нови автори и современи драмски текстови, посветен на развивање на македонската современа драма и поврзување на авторите со театарските институции и продукции. Авторите Катерина Момева (текст „Сингл“), Габриела Стојаноска Станоеска („Трудници“) и Мартин Миљев („Летај Исак, не застанувај“) на првиот ден од работилницата, заедно со продуцентот Петар Антевски учеа како да го презентираат својот драмски текст пред продуцентите, режисерите.

Во воведното обраќање Ана Стојаноска, уметнички директор на Фестивалот, која и самата пишува драмски текстови, изрази лично жалење што не може да учествува на конкурсот за драмски текстови „Драмолетење 2.0“, но истакна дека е многу важно што има нови гласови кои никако да стигнат до театарската сцена.

– На студентите во четврта година им задавам задача да истражуваат и да бараат нови автори. Се надевам со прилепскиот инает и упорност на сите дека ќе стигнеме до авторот и ќе се оствари патот – рече Стојаноска.

Петар Антевски, на работилницата откри како тој ги претставува драмските текстови, односно кој шаблон го користи, дека е најважно на кус начин да се стигне до „слушателите“ на драмскиот текст.
– Се започнува со „кука“ односно со јадица, а тоа е еден интересен дел да го привлече потенцијалниот продуцент или режисер – рече Антевски, потоа објаснувајќи дека на „слушателот, после куката му се дава административната лична карта на драмскиот текст.

Низ четири одговори – како се вика драмскиот текст, за што се зборува во текстот, што е по форма и основната тема, треба да се објасни во една реченица. После ова, според него, следи срцето на приказната, а откако ќе се зададе темата, се презентира конфликтот односно заплетот. Слушателот сака кусо и со една реченица да биде заинтригиран.

Фестивалот и годинава ги става во фокус Прилеп и неговите театарски вредни уметнцици. Вчера беа отворени две изложби посветени на актерите Лидија Иваноска, Трајче Иваноски и Благоја Ивчески, актер и режисер.

Фотографии, лични работи, исечоци од написи во весници се дел од интимните изложби што се поставени во „Тротоар“ и во „Лувр“ за време на фестивалот. Членовите на семејствата на овие уметници изразија благодарност до фестивалот за укажаното внимание. Актерот Ивчески, видно емотивен рече дека и е среќен за ова внимание, но и тажен зошто дочекал на 60 години од фестивалот да има клуч на вратата на Театарот „Војдан Чернодрински“.

Вчера се одржа и првата тркалезна маса на претставите од официјалната програма. За претставата „Мачкина глава“ од Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски, на Драмски театар, зборуваа актерите Александар Степанулески, Филип Трајковиќ и Златко Митрески. Тие се осврнаа на предизвикот да се игра по нов текст чија база се наоѓа во култниот „Диво месо“ и претставува еден вид коментар на времето денес. Модераторот Звонко Димоски направи одличен пресек на претставата, посочувајќи ги најважните места во неа.

Степанулески истакна дека се труделе да избегаат од „Диво месо“ во градењето на ликовите. Во однос на темите, денеска еден автор има поголем предизвик кој проблем да не го опфати во текстот, додека во „Диво месо“ се гледаат многу помалку проблеми од времето во кое е создадена.

-Живееме во паралелни светови. И се што е банално и делува нереално, е всушност реалност. Затоа и претставата лесно допира до публиката. Живееме во ремек-недело на живеење – рече Степанулески и додаде дека соочувањето со себе е една од најважните линии во оваа претстава.

Филип Трајковиќ посочи дека тоа што и приватно се познаваат актерите дека им помогнало многу во процесот на создавање на ликовите. Прикажале едно семејство кое може да биде кое било. Ликовите покажуваат дека сите ние како да сме еден ист лик од едно семејство и кај секого на различен начин се има порив за борба.

Златко Митрески кој е чиновник во претставата истакна дека низ неговиот лик се гледа системот што го имаме денес, невозможноста лесно да е заврши одредена админситративна работа без компликации.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести