Ивица Јанев прв Македонец со злато на Мр Олимпиа Аматер

Најдобриот македонски бодибилдер, Ивица Јанев – Ице, уште еднаш го крена македонското знаме на највисокото место и испиша нова златна страница во историјата на македонскиот бодибилдинг.

На престижниот Мр Олимпиа Аматер Шпанија, најголемата и најзначајна аматерска бодибилдинг сцена во светот, Јанев е првиот Македонец кој стана шампион на Олимпиа Аматер и да го освои првото место во категоријата Classic Physique 40+.

Во исклучително силна меѓународна конкуренција составена од натпреварувачи од целиот свет, македонскиот шампион покажа врвна форма, дисциплина и посветеност, оставајќи зад себе бројни фаворити и освојувајќи го златниот медал.

Покрај историското прво место во Classic Physique 40+, Јанев освои и бронзен медал во категоријата Бодибилдинг над 90 килограми, уште еднаш потврдувајќи дека припаѓа меѓу елитата на европскиот и светскиот бодибилдинг.

Овој успех претставува продолжение на една исклучително успешна кариера исполнета со врвни резултати. Ивица Јанев е двократен Европски шампион и вицешампион на Европа во 2023 година, тројник балкански шампион, државен шампион на Македонија и освојувач на професионална ПРО карта.

Апсолутен победник е на Diamond Cup и на Trophy Čačak, а во 2026 година триумфираше и на регионалниот натпревар во Вршац, Србија, во организација на NPC – најсилната бодибилдинг лига во светот. Сето тоа го заокружи со најновиот триумф на сцената на Мр Олимпиа Аматер.

„Ова е еден од најемотивните моменти во мојата спортска кариера. Да се застане на сцената на Мр Олимпиа Аматер, меѓу најдобрите натпреварувачи од целиот свет, и да се слушне името на Македонија како победник е чувство кое не може да се опише со зборови.

Овој златен медал не е само мој. Тој е за моето семејство, за мојот тим, за сите кои веруваа во мене и за секој што знае колку труд, дисциплина и жртва стојат зад секој настап. Месеците подготовки, откажувања и напорни тренинзи денес добија смисла.

Горд сум што успеав да го развеам македонското знаме на една од најпрестижните сцени во светот на бодибилдингот и да покажам дека и од Македонија можат да дојдат шампиони кои ќе се натпреваруваат и победуваат на највисоко ниво.

Ова не го гледам како крајна цел, туку како нов почеток. Благодарен сум на сите што ми даваат поддршка и ветувам дека ќе продолжам уште посилно, со уште поголеми амбиции и нови предизвици пред мене. Македонија повторно беше на победничкиот подиум. Тоа е најголемата награда“, изјави Јанев.

Промотивна објава

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести