Грчки поет ја објавува својата прва книга на македонски јазик: „Договорот што ми беше наметнат – денес го палам“

Во издание на „Матица македонска“ наскоро излегува „Раскинување на договорот“/„Λύση Συμβολαίου“, дебитантската двојазична стихозбирка на Сотирис Минас – книга во која македонскиот јазик станува чин на солидарност, отпор и достоинство.

Во време кога јазикот и идентитетот сè уште знаат да бидат предмет на премолчување, притисок и политички калкулации, од печат наскоро ќе излезе книга што не може да се прочита само како книжевен настан.

„Раскинување на договорот“/„Λύση Συμβολαίου“, дебитантската стихозбирка на грчкиот поет и преведувач Сотирис Минас, отвора едно од најчувствителните прашања во современиот македонско-грчки културен простор: што значи еден Грк, без македонско потекло, сам да го научи македонскиот јазик, да го зборува со почит и својата прва поетска книга да ја објави токму во Македонија – двојазично, на грчки и на македонски јазик.

Книгата ја објавува „Матица македонска“, а македонската верзија на песните е препев на самиот автор. Тоа е еден од најважните аспекти на ова издание: македонскиот јазик тука не е само јазик на превод, туку јазик на лична, етичка и поетска одлука. Минас не му се обраќа на македонскиот читател однадвор, туку влегува во македонскиот јазик како во простор на признавање, солидарност и слобода.

Во претходни јавни настапи, Минас веќе ја објасни својата позиција со реченица што силно одекна во македонската јавност: „Ако кај Македонците е посеан страв да го зборуваат својот јазик, тогаш еден Грк ќе го научи и ќе го зборува тој ист јазик по свој избор – и тоа со гордост.“

Со „Раскинување на договорот“, таа јавна позиција добива своја поетска потврда. Книгата покажува дека јазикот не е само средство за комуникација, туку и простор на отпор кон заборавот, неправдата и наметнатата тишина.

Во авторската белешка кон книгата, Минас ја формулира својата одлука без дипломатски заобиколувања: „Мојата одлука да ја објавам оваа збирка во Македонија, преку издавачката куќа Матица македонска, е свесен чин на правда.“

Тој пишува дека живееме во реалност изградена „врз негирањето на различното и врз задушувањето на неговиот идентитет“, па затоа ова издание го нарекува свој „директен судир со деценискиот молк и лаги“.

Токму затоа „Раскинување на договорот“ е повеќе од дебитантска стихозбирка. Таа е книга за личната повреда што не сака да остане само болка, за траумата што бара излез, за љубовта што не се откажува од човекот, но и за правото на јазик, име и постоење. Во неа интимното и политичкото не се одвоени: личната борба за самоослободување се чита како дел од поширока борба за достоинство.

„Избирам двојазично издание бидејќи соживотот на грчкиот и македонскиот јазик за мене претставува практично признавање на македонскиот идентитет“, пишува Минас.

„Тоа е чин на солидарност што ги урива границите и бара заемна почит. Цврсто верувам дека помирувањето започнува единствено преку прифаќањето на постоењето на другиот.“

Насловот на книгата – „Раскинување на договорот“ – е нејзината централна метафора. Тоа е раскин со сè што било наметнато без согласност: со туѓите очекувања, со одземеното име, со стравот, со премолчувањето, со животот според туѓа мерка.

„Тоа е мојот раскин со еден договор потпишан без мое знаење, кој ми наметнуваше потчинетост и сакаше да не постојам. Денес, тој договор го палам“, вели авторот.

Една од најсилните песни во книгата е „Ми го одзедоа јазикот – македонскиот“, напишана по инспирација од прочуената песна на Одисеас Елитис „Ми го дадоа јазикот – грчкиот“. Со оваа песна, Минас влегува во исклучително чувствителен историски и културен простор: јазикот како меморија, како рана, како отпор и како право што не може да биде избришано. Во стиховите се појавуваат Кајмакчалан, Вардар, Преспа, Дојран, Воден, Лерин, Вичо и Негуш – топоси преку кои личната песна се отвора кон колективна меморија, болка и истрајност.

Но силата на „Раскинување на договорот“ не е само во нејзината ангажирана острина. Таа е во начинот на кој општестеното се преобразува во поезија, а личното – во сведоштво. Ова не е книга што сака скандал, туку книга што одбива молк. Нејзината провокација не е во гласноста, туку во фактот дека еден грчки автор избира македонскиот јазик да биде дел од неговото прво поетско сведоштво.

Во текстот на корицата, Иван Антоновски забележува дека „Раскинување на договорот“ е дебитантска стихозбирка „во која личната повреда не останува само болка, туку прераснува во глас на самоослободување“. Според него, Минас ја гради својата поезија „врз отпорот кон наметнатите очекувања, одземеното име и животот според туѓа мерка“, а двојазичноста на изданието „не е додаток, туку суштински дел од неговата поетска постапка“.

„Овие песни треба да се читаат внимателно: и во она што го кажуваат, и во она што го премолчуваат – меѓу стиховите, таму каде што раскинот со ‘договорот’ станува почеток на послободно постоење“, се наведува на корицата на книгата.

Сотирис Минас е поет и преведувач кој работи на книжевната размена меѓу Македонија и Грција. При неговиот претходен настап во Скопје, во рамките на програмата „Македонско-грчки поетски координати“, тој порача дека поезијата на македонски јазик заслужува да се слушне „не само затоа што е естетски вредна, туку затоа што ја носи душата на еден народ“. Со „Раскинување на договорот“, таа реченица добива нова тежина: македонскиот јазик не само што се слуша, туку станува јазик на избор за еден грчки автор.

Новото издание на „Матица македонска“ е книга што отвора простор за разговор што долго бил одложуван. Во неа грчкиот и македонскиот јазик не стојат како спротивставени страни, туку како доказ дека вистинското помирување не се гради со бришење на различноста, туку со нејзино признавање.

„Раскинување на договорот“ е книга за правото на човекот да се ослободи од наметнатите улоги, но и за правото на еден јазик да биде слушнат без страв. Таа е поетски чин на самоослободување и културен чин со пошироко значење: книга што покажува дека договорите потпишани без негова согласност – без неговиот јазик, име, вистина и достоинство – конечно може да престанат да важат.

Промотивна објава

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести