Македонија станува дел од европската мрежа на центри за вештачка интелегенција. Денеска беше промовиран проектот за првата национална фабрика за вештачка интелигенција „Везилка“, со што земјата добива пристап до најсовремена инфраструктура за развој на вештачка интелигенција, европски суперкомпјутери и нови можности за истражување и иновации.
Значаен сегмент од проектот е што ќе се развиваат модели на вештачка интелигенција и дигитални алатки на македонски јазик, што треба да придонесе за поголемо присуство на јазикот во современите дигитални технологии.
Истиот чини околу 6,2 милиони евра. Од нив, околу 3,1 милиони евра се обезбедени како грант од Европската унија преку програмата „Хоризонт Европа“ и иницијативата EuroHPC, а останатите средства се кофинансирани од државата, Министерството за дигитална трансформација и од Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.
Планирано е да се реализира во период од три години.
Проектот го спроведува ФИНКИ во соработка со Министерството за дигитална трансформација, а ќе се реализира преку стратешко партнерство со грчката фабрика за вештачка интелигенција „Фарос“.
Фото: МДИ














