„Пулс“ почнала да работи без исполнување на минималните услови за работа и продолжила така уште 12 години

На денешното рочиште за пожарот во т.н. дискотека „Пулс“ во Кочани, Основното јавно обвинителство продолжи со изведување на материјални докази.

Од таму меѓу друго презентираа докази од Министерството за економија и труд, од Секторот за туризам и угостителство, кои според Обвинителството, покажуваат дека т.н. дискотека во 2012 година почнала со работа без исполнување на минималните технички услови за работа на објектот.

Така продолжила до март 2024 година, а во меѓувреме добивала лиценца од Министерството да работи како кабаре, што беше познато и пред стартот на судењето.

На денешното рочиште одбраната на дел од обвинетите побараа изземање на обвинителката Наташа Сарамандова, поради според нив, пристрасно постапување при презентација на доказите со исклучување на елементи од доказите кои се од суштинско значење, по што родителите на загинатите во знак на револт го напуштија судењето.

Тие изјавија дека се разочарани бидејќи фокусот на судењето е повеќе на процедурата на постапката, отколку на содржината на доказите.

За барањето за изземањето на обвинителката треба да одлучува државниот јавен обвинител Ненад Савески.

Фото: Игор Бансколиев

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести