Литванскиот министер за надворешни работи Кестутуси Будрис денеска во Скопје изјави дека моментот за проширување на Европската унија е сега и треба да се искористи. Тој оцени дека постои јасна политичка волја за продолжување на процесот на проширување, но дека земјите-кандидати треба да ги исполнат преземените обврски, паралелно со надминување на политичките и билатералните предизвици.
„Ќе бидам многу јасен за ова. Ова е моментум што мора да се искористи. Сите разбираме дека проширувањето на ЕУ сега се води од геополитичка потреба. Главниот и огромен фактор зошто сме толку фокусирани е војната против Украина. Имаше пауза во процесот, постоеја суштински дискусии дали е потребно, дали сме подготвени или не, можеби ни е потребна институционална реформа во меѓувреме. Сега постои јасно геополитичко разбирање дека ни е потребно и дека мора да продолжиме“, рече тој.
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски пак има спротивно мислење, сметајќи дека за Македонија можеби баш и не е моментот.
„Какви уверувања може да добие нашата држава, или гаранции, дека нема да се соочиме со перманентни блокади од една земја членка. Затоа што тоа што е очигледно и по однос на таканаречениот консензус од 2022 година, има различни толкувања што доаѓаат и од 26-те земји членки, европските институции и една земја членка. Пак ќе повторам, не дека ние како држава имаме отпор, свесни сме, и ние во сите наши изјави, ако мислите не само од мене, туку и од претседателката на државата, од претседателот на Владата, велиме дека ќе учествуваме во овој процес. Посебно по самитот во Тиват се чувствува енергија за придвижување веќе. Нема никаква дилема кај нас. Но ние нема да дозволиме да се реализира тој ризик, ние да ги направиме тие потези, повторно да имаме ваков тип на разговори, ваков тип на прес-конференции, каде што ќе бидеме во ситуација една земја членка да не биде коректна,“ изјави Муцунски.
Тој смета дека дијалогот со Бугарија треба да продолжи со поддршка од земјите‑членки и европските институции.
„Не сме лековерни. И не сме наивни да мислиме дека одеднаш ќе има од страна на Бугарија некаква голема промена на позиција која е прилично агресивна и радикална. Затоа треба да го искористиме следниот период да најдеме начин на дипломатско ниво да се намалат тензиите и да продолжиме да разговараме врз основа на вредности, врз основа на принципи“, рече тој.














