Владо Јаневски и срамот на лажниот патриотизам

Македонија се простува од Владо Јаневски, еден од најголемите пејачи и кантавтори кои ги имала.

Тој почина на 65-годишна возраст по кратко боледување, а зад себе остави шест албуми и бројни хитови со кои растеа генерации.

Со него на социјалните мрежи се збогуваат илјадници негови фанови, колеги, соработниции… но, за жал на социјалните мрежи има и статуси на лица, во кои се ситаат на неговата смрт и наместо неговата музика, во прв план ги стават неговите настапи за политички цели.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Кој беше Владо Јаневски

На темава, Ви го пренесуваме ставот на Православно секојдневие со наслов “Владо Јаневски и срамот на лажниот патриотизам“:

“Ретко кој во Македонија барем еднаш во одреден период од животот не налетал на музиката на Владо Јаневски.

Некој во љубов.

Некој во разделба.

Некој во тешка ноќ.

Некој во болка што не знаел како да ја каже.

Речиси и да нема човек на кого барем еден негов стих не му допрел нешто длабоко во срцето. Некому му помогнал да заплаче, некому да издржи, некому да се покае, некому да продолжи напред.

Владо беше еден од оние ретки луѓе кои ги лечеа македонските срца со неколку стихови. Вистински лекар на земјата, кој лечеше преку дарот што го имаше од Бога — да пренесе болка, љубов, тага и надеж преку музиката.

И ако зборуваме за патриотизам, тогаш не треба да заборавиме дека и тоа е патриотизам: кога со својот дар ќе допреш илјадници луѓе од својот народ. Кога ќе оставиш песни што ќе ги пеат и оние што те познавале и оние што никогаш не те сретнале. Кога ќе станеш дел од нечии спомени, нечии разделби, нечии свадби и нечии тивки солзи.

Тоа не се мери со пароли.

Тоа не се мери со политички етикети.

Тоа се мери со трагата што човек ја остава во срцата на луѓето.

Но, во исто време, со неверување сме сведоци и на нешто многу потрагично во нашето општество.

Наместо тишина, во одредени кругови на на социјалните мрежи приметуваме ситeње.

Наместо почит, гледаме навреди.

Наместо човечност, гледаме луѓе што ја користат смртта на човек за политичка пресметка.

И уште поболно — дел од тие луѓе се претставуваат како патриоти и како православни христијани.

Тука мора јасно да се каже: тоа нема никаква допирна точка со православието.

Тоа не е ни човечност, а камоли христијанство.

Може некој да не се согласувал со Владо Јаневски. Може некому да му пречеле неговите политички ставови, јавни настапи или избори. Може некој сосема поинаку да гледа на политички прашања како референдум за име, на Преспански договор, на НАТО, на Европската Унија или на која било друга тема.

Но, едно е несогласување.

Друго е да мразиш и да етикетираш човек само затоа што мисли поинаку.

Кога целиот живот и делата на еден човек го сведуваме на една политичка етикета, тогаш не зборуваме повеќе за него. Зборуваме за себе. За тоа колку сме дозволиле омразата да ни го замати погледот.

Почнавме луѓето да ги гледаме само како „наши“ и „нивни“. Не гледаме лице. Не гледаме душа. Не гледаме човек. Гледаме табор.

А човек што се нарекува христијанин не смее така да гледа.

Пред нас секогаш стои човек — со дарови и слабости, со грешки и болки, човек како нас.

Ако верата ни служи само за да осудиме, навредиме или да се израдуваме на туѓа смрт, тогаш тоа не е вера во Христос. Тоа е омраза облечена во побожни зборови.

Затоа мора да се запрашаме: кога патриотизмот ќе ја изгуби човечноста, дали тоа уште е патриотизам?

Татковината не се сака со омраза кон оние што мислат поинаку. Народот не се брани со презир кон своите луѓе. Државата не се чува со ситење над човечка болка.

Ако за да бидеме „патриоти“ треба да престанеме да бидеме луѓе, тогаш тоа не е патриотизам. Тоа е духовна пропаст.

Различните политички ставови не смеат да бидат причина за омраза и поделби. Тоа мора да престане, ако сакаме да опстоиме и како народ, но и како Црква.

Не мора да го идеализираме Владо Јаневски. Не мора сите да го сакаме неговото творештво. Не мора сите да се согласуваме со неговите јавни избори.

Но, мора да останеме луѓе.

Господ да го помилува покојниот.

А нам да ни даде разум, трезвеност, разбирање и единство.

П.С. Да внимаваме какви „патриотски“ страници следиме и споделуваме за да не станеме дел од отровот кој го труе општеството. Не секој што се претставува како патриот носи љубов во себе. Кај многумина има само надворешна форма, без суштина – многу зборови за народ и татковина, а малку дела, љубов и човечност.

Патриотизмот не се докажува со омраза, навреди и злоба, туку со љубов кон ближниот, со одговорност и со дела што го градат, а не шират отрови и поделби меѓу народот и верниците„.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Вечерва Скопје со неговите песни ќе се збогува со Јаневски пред арената „Борис Трајковски“

Погребот на Владо Јаневски ќе биде во среда

Веста за заминувањето на Владо Јаневски го обиколи регионот

Фото: Авалон/Фејбук

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести