По победата на Националниот натпревар за ученички компании, ученичката компанија Eco Bloom од СОЕПТУ „Кузман Јосифовски – Питу“ од Прилеп ја претстави нашата земја на GEN-E 2026, најголемиот европски фестивал за претприемништво организиран од Џуниор Ачивмент Латвија и Џуниор Ачивмент Европа.
Фестивалот се одржа од 7 до 9 јули во Рига, Латвија, и собра млади претприемачи, иноватори од повеќе од 40 земји низ Европа.
Учесниците на GEN-E 2026 беа избрани од повеќе од 400.000 млади луѓе кои годишно учествуваат во програмите на Џуниор Ачивмент низ Европа. На фестивалот тие ги претставија своите бизнис идеи, разменуваа искуства и создаваа контакти со врсници, претприемачи и претставници од бизнис секторот.
Eco Bloom, ученичката компанија од СОЕПТУ „Кузман Јосифовски – Питу“ од Прилеп, го освои првото место на Националниот натпревар за ученички компании организиран од Џуниор Ачивмент Македонија и ја претставуваше својата идеја на европската сцена. Компанијата разви 3D биоразградлив освежувач за автомобили со вградено семе, производ кој по употребата може да се засади и е поврзан со принципите на циркуларната економија.
Темата на GEN-E 2026, „Beyond Borders“ („Без граници“), беше насочена кон соработката меѓу младите и развојот на идеи кои одговараат на современи предизвици. Во рамки на фестивалот беа претставени компании и проекти од области како одржлив развој, циркуларна економија, дигитални иновации, вештачка интелигенција, климатски решенија и социјално претприемништво.
Со учеството на Eco Bloom, Џуниор Ачивмент Македонија по деветти пат ја претстави земјата на GEN-E, продолжувајќи ја својата мисија за развој на претприемачките вештини кај младите и нивно поврзување со европската заедница на млади претприемачи.
















