(Фото) Широк Сокак доби ново лице: Битола ја оживеа иднината со технологија од светски размери

На Широк Сокак се вперени сите погледи, и тоа во нешто што Битола  досега не го видела – иднината која буквално „оживува“ пред очите.. Наместо класични фотографии во излозите, најпознатата битолска улица стана сцена за технологија од 21 век. Студенти, професори, деканот и ректорот на Факултетот за информатички и комуникациски технологии при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола се појавија како реалистични тродимензионални холограми преку современа Holobox технологија.

Но зад оваа впечатлива сцена стои јасна приказна за луѓето и тимот што ја донесоа во Битола.

Овој впечатлив проект е целосна реализација на компанијата MIKRODEL и тимот на битолчанецот Димче Поповски, како подарок за Факултетот за информатички и комуникациски технологии. Со оваа иницијатива, MIKRODEL уште еднаш покажува дека знаењето, технологијата и визијата создадени од Битола можат да имаат светски карактер.

„Технологијата сама по себе не е иднината, иднината е во луѓето кои знаат да ја искористат за да создадат нешто ново. Нашата цел не беше само да поставиме еден уред на Широк Сокак, туку да поставиме идеја дека и од Битола можат да тргнат решенија кои ќе изгледаат природно и во најсовремените светски средини. Ако некогаш велевме дека светот доаѓа кај нас, сега можеме да кажеме дека и ние испраќаме дел од нашата визија кон светот“, вели Поповски.

Во 2019 година компанијата MIKRODEL е формирана во Берлин, Германија, со јасна цел – развој на современи дигитални технологии кои го поврзуваат просторот, комуникацијата и новите начини на презентација.

Денес MIKRODEL работи во областа на Digital Signage технологиите, LED системите и холограмските решенија, а преку овој проект дел од таа светска визија се враќа токму во Битола.

Во реализацијата се вклучи и академската заедница: проектот е реализиран во соработка со студентите и професорите од Факултетот за информатички и комуникациски технологии при УКЛО, кои активно учествуваа во создавањето на ова современо технолошко решение. Иницијатор на концептот е професорот Никола Рендевски, а проектот претставува пример како академијата и реалниот сектор можат заеднички да создаваат иновации со практична примена.

„Учеството во развојот на холограмската промоција е одлична можност стекнатите знаења од наставата да ги примениме во реален проект. Работата со професорите и со инженерите од МИКРОДЕЛ ни овозможи да стекнеме практично искуство и нови вештини“, истакнува Валентин Стојановски, еден од студентите вклучени во проектот.

Деканот на ФИКТ, проф. д-р Благој Ристевски, нагласува дека ваквите иницијативи ја потврдуваат определбата на Факултетот за современи технологии и иновативни пристапи во наставата и промоцијата.

„Преку партнерство со компаниите можеме да создадеме уникатни решенија кои ја зголемуваат препознатливоста на ФИКТ и УКЛО и дополнително ги мотивираат идните студенти“, посочува проф. д-р Ристевски.

Од компанијата MIKRODEL истакнуваат дека оваа реализација со ФИКТ и УКЛО е значаен чекор кон поширока примена на современите технологии во високото образование и доказ дека соработката меѓу знаењето и индустријата може да создаде решенија со светски потенцијал.

За современата промоција со особено задоволство зборува и ректорот, проф. д-р Игор Неделковски, кој истакнува дека проектот е резултат на заедничката работа на студентите, професорите и компанијата MIKRODEL.

„Ваквите иницијативи се доказ дека Универзитетот успешно ги поврзува науката, образованието и стопанството во создавање современи решенија со реална примена. Станува збор за прва ваква имплементација во Македонија, што претставува значајна придобивка и потврда за развојниот и технолошкиот потенцијал на УКЛО“, вели Неделковски.

Поставувањето на Holobox-от на Широк Сокак не е само технолошка иновација – тоа е најава за нова, уште подлабока соработка меѓу академската заедница и MIKRODEL, како и прв чекор кон проекти со амбиција и потенцијал на светско ниво.

Холобокс технологијата која сега се гледа на Широк Сокак е истата насока на развој што се користи во најмодерните светски градови, од големи транспортни и јавни простори, како аеродромот во Њујорк, па сè до најпознатата битолска улица, каде иднината добива ново лице.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести