Кривичен суд се откажа од обвинение против Драган Павловиќ Латас- преквалификација на делото го застаре „Талир“

Кривичен суд информираше дека за случајот „Талир“, во кој се обвинети Драган Павловиќ Латас и уште две други лица за даночно затајување, на 27 мај била донесена пресуда со која се одбива обвинението, откако надлежниот Јавен обвинител се отакажа од обвинителсниот акт во целост.

„Во конкретната постапка, која во овој суд се води од октомври 2017 – та година, обвинети се  Д.П. – Л. како физичко лице, и три правни лица од Скопје, за кривичното дело Даночно затајување. Предметот неколку пати почнуваше од почеток заради промена на надлежноста на јавниот обвинител и  преземање на предметот од едно во друго обвинителство, за на последното рочиште, надлежниот Јавен обвинител, во завршен збор да се откаже од понатамошно гонење на обвинетите.

Имено, обвинителот, имајќи ги предвид наводите во вештиот наод и мислење најпрвин направил измени во обвинителниот акт, по што  утврдил дека за две од обвинети правни лица во постапката, не се исполнети елементите кои го чинат законскиот опис на пријавеното кривично дело – Даночно затајување, додека за едно правно лице и обвинетиот Д.П. – Л. во меѓувреме настанала апсолутна застареност на кривичното гонење. Заради сето тоа, судот постапил согласно Законските одредби и ја донел наведената пресуда.

Пресудата од 25.06.2026 година е правосилна и веќе се изготвени решенија за трошоци на странките, а штом истата ќе биде анонимизирана истата ќе биде објавена на веб страната на судот,“ соопштија од Кривичен суд.

Од Обвинителство информираа дека предметниот јавен обвинител Марија Џабирова Велков на самото рочиште извршила преквалификација на обвинението поради наодот од супервештачењето.

„Во конкретниот предмет, по наредба на Основниот кривичен суд Скопје беше извршено ново супервештачење од областа на економско, финансиско, материјално и сметководствено работење. На расправата која се одржа на 27.05.2026 година свој исказ пред судот дадоа и вештите лица, кои наспроти прашањата на обвинителот, потврдија дека фактичката состојба изнесена во обвинението е променета.

Согласно вештачењето, износот на даночното затајување од значителен беше намален во поголем и согласно тоа не ги исполни елементите на кривичното дело од ставот 2, односно мораше да биде преквалификуван во ставот 1 од членот 279 – Даночно затајување.

Иако предметниот јавен обвинител Марија Џабирова Велков во своето обраќање потенцираше дека останува на воведните говори изнесени на главна расправа во досегашниот тек на предметот, сепак мораше на самото рочиште да изврши преквалификација на обвинението токму поради наодот од супервештачењето, а со самото тоа настапи и апсолутна застареност од 15.03.2024 година“,соопшти Обвинителството.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести