Членството на Македонија во ЕУ било приоритет за Чешка, кажа чешкиот колега на Муцунски од Охрид

Заменик-претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Чешка, Петр Мацинка, кој е во посета на Македонија, денеска од Охрид по средбата со неговиот македонски колега, Тимчо Муцунски, меѓу друго кажа дека, членството на Македонија во Европската унија (ЕУ), било приоритет за неговата земја.

Тој кажа и дека Чешка била подготвена да направи сè што е потребно за земјава што поскоро да стане членка на ЕУ и дека е подготвена да го сподели сопственото искуство од пристапниот процес.

– Членството на Северна Македонија во Европската унија е приоритет за Република Чешка. Тоа е во наш заеднички интерес, Европската унија да се прошири со земјите коишто поминуваат низ пристапните преговори, токму на ваков начин како што тоа го прави вашата земја, изјави тој меѓу друго и подвлече дека Чешка навистина била пријателска земја, но и дека прашањето меѓу Македонија и Бугарија не е повеќе билатерално, туку мултилатерално, врз основа на заклучоците на Европскиот совет од 2022 година.

Муцунски, пак порача дека ЕУ останува наша стратешка определба и дека земјава е подготвена да ги спроведе реформите и да ги исполни европските стандарди, но очекува процесот да биде кредибилен и предвидлив.

Фото: МНР

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.


  • Најчитани вести


  • Најчитани вести