Гужва на Табановце за плаќање на казни: „Безбеден град“ почна да ги „лови“ и странците кои прават сообраќајни прекршоци

Од денес започна примената на воспоставениот механизам за постапување со возачите на возила со странски регистарски таблички кај кои системот „Безбеден град“ евидентирал сторен сообраќаен прекршок на територијата на Македонија, информираат од МВР, откако на социјалните мрежи се појавија снимки од граничниот премин Табановце каде што луѓе чекаат во ред за да платат казни.

„На Граничниот премин Табановце, при излез од државата, се појавуваат возила кај кои системот има претходно евидентирано сообраќајни прекршоци. На возачите им се соопштува дека е евидентиран прекршок и им се издава Записник за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог, со можност казната да ја подмират согласно законската постапка.

Поголемиот број возила кои денес се појавуваат на граничниот премин се должи на тоа што станува збор за прв ден од примената на овој механизам, при што се опфаќаат и претходно евидентираните прекршоци. Министерството за внатрешни работи презема активности за непречено одвивање на постапката и намалување на задржувањето на патниците.

Со воведувањето на овој механизам се обезбедува еднаков и неселективен пристап во санкционирањето на сообраќајните прекршоци, без оглед дали станува збор за возила со домашни или странски регистарски таблички,“ велат од МВР.

Од таму додаваат дека продолжуваат со имплементацијата на системот, со цел неговата примена постепено да се прошири и на останатите гранични премини во државата.

Фото/МВР

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.


  • Најчитани вести


  • Најчитани вести