„БитФест“ завршува со концерт на „Фолтин“, по повод 30-годишнината од постоењето

Со јубилејниот концерт по повод 30 години постоење на битолската група „Фолтин“, завршува годинашното битолски културно лето „Бит Фест“.

„Интересот и присутноста на публиката на секој настан, големите аплаузи беа награда за уметниците, но и за Културниот и информативен центар кој го реализираше овој фестивал со поддршка на Општина Битола.
Разиграно и распеано беше на повеќе локации, овде пред и во Офицерскиот дом, Хераклеја, Широк сокак, Старата чаршија, Пациото, Центарот за култура, театарот.

Освен битолчани, програмата беше привлечна и за туристите кои ја посетија Битола и за бројните иселеници кои летово беа дојдени во родниот крај. Она што ме радува е што Битола има традиционални летни фестивали кои од година во година стануваат се подобро и подобри и под чадорот на препознатливиот „Бит Фест“ ја негуваат културата, традицијата, уметноста. Најдоброто домашно, балканско, европски и светско беше во Битола, а токму сите тие се нашите најголеми културни и уметнички амбасадори“, истакна градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.

Директорот на КИЦ, Димитар Михајловски рече во изминатите два месеци се одржаа над 70 настани, а бројот на посетители е над 21.000.

„КИЦ се докажа како сериозна институција за организација на големи настани кои се дел од еден фестивал како што е „Бит Фест“. Како што започнавме со големо отворање со мјузиклот „Као како“, продолживме со бројни настани и фестивали кои беа дел од „Бит Фест“, за прв пат го почнавме и промовиравме „Битолскиот чалгиски фестивал“ со кој воедно го промовиравме Битолскиот чалгиски оркестар. Така и ќе завршиме со големо свечено затворање на нашиот битолски бренд групата „Фолтин“ која слави 30 години од своето постоење,“ рече Михајловски и го најави гостувањето на претставата „УНА“ на Звездара театарот од Белград, Србија на 10-ти септември во театарот во Битола и концертот на групата „Мизар“ на платото на Офицерскиот дом на 13-ти септември.

Од групата „Фолтин“ велат дека некои градови имаат публика, а Битола има соучесници.

„Триесет години заедно растевме, се менувавме и се среќававме на концерти. Од клубови до театри. Од мали сцени до „Хераклеја“. Од неколкумина љубопитни до генерации луѓе што ги знаат песните наизуст. Ова лето повторно ќе се сретнеме. И чест ни е што токму со нашиот концерт за одбележување на 30 години концерти на „Фолтин“ ќе биде завршниот акорд на „Бит Фест 2026“, е пораката на групата „Фолтин“, која на градоначалникот Коњановски му подари винил плоча.

Свеченото затворање со концертот на „Фолтин“ е на 29 август од 20 часот на „Хераклеја“.

Фото/Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.


  • Најчитани вести


  • Најчитани вести