Годинава има 200 паралелки помалку во основно и 100 паралелки помалку во средно, а се затвораат и 26 рурални училишта во кои нема упис на првачиња и во кои учат од пет до осум деца, информираше министерката за образовани Весна Јаневска.
„Она што успеавме да го направиме, во моментот имаме околу 200 паралелки помалку во основното образование и 100 паралелки помалку во средното образование. Потенцирам дека тоа се прави со цел да им се овозможи социјализација на учениците, подобар квалитет на образование на учениците, а не изолирано постоење во одредена рурална средина каде што владеат одредени принципи, па и одредени стереотипи, и каде што квалитетот на образованието не може да биде соодветен поради малиот број на ученици. Особено ако станува збор за комбинирани паралелки каде што учат ученици од три различни одделенија, колку што е со закон дозволено, “ рече Јаневска.
Таа додаде дека настава во вакви комбинирани паралелки ќе се спроведува само онаму каде што ќе бидат приморани, односно ако подрачното (рурално) училиште се наоѓа на повеќе од 15-20 километри оддалеченост од првото најблиско централно училиште.
Фото/Општина Битола














