Од 1. ноември националните платежни трансакции ќе се извршуваат со користење ИБАН

Советот на Народната банка ги разгледаl најновите макроекономски показатели, според кои домашната економија и натаму покажува отпорност во услови на неизвесно надворешно окружување, а најновите показатели за домашната економска активност засега се малку поповолни, информираат од таму. 

-Расположливите високофреквентни податоци на страната на понудата упатуваат на забрзување на економскиот раст во вториот квартал, при силен раст на градежништвото, раст на индустриското производство и реалниот промет во угостителството и при стабилни движења кај вкупната трговија.

Инфлацијата забавува и е во рамките на очекувањата на Народната банка. Ризиците од надворешното окружување и натаму се оценуваат како неповолни.

На крајот на јуни 2026 година, нивото на девизните резерви изнесува 4.936,4 милиони евра и се одржува во сигурната зона. Монетарните податоци покажуваат натамошен солиден раст на депозитите и на кредитната активност, при што кредитната поддршка е посилна од очекувањата, велат од таму.

На седницата, Советот ја донел Одлуката за водечкиот број на давателите на платежни услуги и стандардите за конструкција на платежните сметки, со која се унапредува постојната регулативна рамка во согласност со развојот на платните системи и примената на меѓународните стандарди и се врши нејзино хармонизирање со стандардите коишто се применуваат во областа на СЕПА.

-Важна новина е задолжителната употреба на стандардот ИБАН како единствена идентификациска ознака на платежната сметка при извршувањето на националните платежни трансакции. 

Од 1. ноември 2026 година, националните платежни трансакции ќе се иницираат, ќе се обработуваат и ќе се извршуваат со користење ИБАН, со што се обезбедува усогласен и стандардизиран начин на идентификација на платежните сметки во националниот и во прекуграничниот платен промет, велат од таму.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести