Македонија ќе добие оператор за пазарот на гас

Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информираа дека Владата ја разгледала и усвоила Информацијата за потребата од формирање на оператор на пазар на природен гас и ги донела соодветните заклучоци за преземање на конкретни чекори за негово функционално воспоставување.

Следствено на донесените заклучоци, препораките и задолжувањата се однесуваат на МЕМО ДООЕЛ Скопје за да ја започне постапката и процесот за воспоставување на оператор на пазар на природен гас, согласно законските прописи од областа на енергетиката.

МЕМО ДООЕЛ Скопје има обврска да изготви и достави сеопфатен план кој ќе ги опфати сите организациски, технички, ИТ, легислативни и финансиски параметри, како и редовно (најмалку еднаш на три месеци) да ја известува Владата, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Министерството за финансии и Регулаторната комисија за енергетика за напредокот на активностите.

Правната рамка за организирање и управување со пазарот на гас како регулирана енергетска дејност од јавен интерес е поставена со Законот за енергетика уште во 2018 година. И покрај тоа што со овој закон успешно е воспоставен оперативен пазар на електрична енергија преку формирањето на МЕМО ДООЕЛ Скопје, соодветната институционална структура за гасниот сектор е новоспоставена во изминатите години.

-Преку деталните анализи и подготовката на оваа информација, разгледувани беа регионалните пазарни модели (од целосно либерализирани системи како Австрија и Унгарија, до хибридни модели во Грција, Хрватска, Бугарија и Романија). Притоа се дојде до заклучок дека воспоставувањето на нов, посебен субјект би барало долготраен период за имплементација, високи административни и оперативни трошоци и комплицирани процеси.

Напроти тоа, МЕМО ДООЕЛ Скопје веќе располага со функционална ИТ-платформа, развиен систем за пазарно порамнување и докажана експертиза во управувањето со енергетски пазари. Доделувањето на надлежноста за пазарот на гас на МЕМО ДООЕЛ претставува најрационално, најповолно и најбрзо решение. Овој пристап е целосно во согласност со европските практики за транзициски пазари и овозможува постепено создавање на интегриран (комбиниран) пазарен оператор за електрична енергија и природен гас, велат од таму.

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести