Годинава се очекува рекорден одѕив на Бадникови поворки-настан кој ја сведочи за радоста на Христовото рождество

На годинешните Бадникови поворки се очекува големо учество и вклученост во повеќе од 80 општини и населени места низ Македонија, како и од македонската дијаспора во Италија, Австрија, Словенија и Соединетите Американски Држави.

На прес-конференцијата на Здружението „Бадникови поворки“ посебно беше истакнато дека денес веќе не е потребно дополнително да се поттикнуваат општините за организирање работилници, изработка на божикни ѕвезди, проби или хуманитарни активности – тие активности веќе станаа природен дел од празничното живеење.

Координаторите на Здружението го изразија своето задоволство што, во време кога сè почесто се зборува дека вниманието на децата и младите е сè пократко, а вредностите се потиснати од брзиот ритам на живеење, токму Бадниковите поворки сведочат за спротивното. Податоците покажуваат дека интересот и учеството континуирано растат, а годинава повторно се најавува рекорден одѕив.

Оваа година, посебен акцент се става на збогатување на програмата, уште посилно приближување до децата и младите, како и создавање простор за најранливите категории граѓани. Во рамките на активностите, веќе се реализираат посети на домови за стари лица, каде што се организираат читања на божикни приказни, пеење божикни песни како и низа хуманитарни акции.

На прес-конференцијата беше претставено и иновативното решение на графичкиот дизајнер Ангел Мицевски, кој повеќе години работи на развој на трајна божикна ѕвезда – симбол на Витлеемската ѕвезда. Станува збор за конструкција што може да се отвора и затвора, лесно да се складира и повторно да се користи, со што ѕвездата добива ново значење – не како еднократен украс, туку како вредност што се пренесува низ генерации.

Дополнително, претставен беше и уметнички магнет, изработен од уметникот Драган Китановски – Драш, кој семејствата ќе го понесат како симболичен подарок од овогодинешните Бадникови поворки. Магнетот ќе претставува тивок, но постојан потсетник на божикната порака – љубов, заедништво и светлина што секој ја носи во себе.

Посебен акцент беше ставен и на Божикната пештера, која претставува импресивно уметничко дело во кое се спојуваат традицијата, духовноста и современиот израз. Пештерата е изработена од познатиот вајар Зоран Тошески, во соработка со неговата сопруга Македонка и тим на волонтери, и веќе втора година по ред го привлекува вниманието на јавноста и медиумите. Таа се издвојува како едно од највпечатливите божикни решенија во регионот, задржувајќи ја автентичната порака на Рождеството Христово.

Во рамките на програмата, годинава се возобновени и две древни каланди – божикната „Сношти се роди Христос“ и новогодишната „Среќна Нова Година“, која ќе биде објавена во пресрет на Василица. Овие песни, дел од богатото традиционално наследство, добиваат траен музички запис и стануваат дел од културната меморија за идните генерации. Едната од нив добива и видео запис во режија на Дејан Пројкоски, во соработка со Стојан Стојановски.

Дополнително, „Златните славејчиња“ подготвуваат нов музички запис за песната „Вечниот Бог“, овојпат како самостојна изведба, со цел да послужи како едукативна алатка за сите образовните центри, здруженија и организации кои работат со деца и ја пренесуваат божикната традиција на идните генерации.

Под уметничко раководство на актерот и режисер Владо Дојчиноски, реализиран е и божикен серијал од четири кратки приказни, наменети за најмладите, кои преку традиционалните медиуми и дигиталните платформи ќе ја пренесуваат пораката за значењето на Рождеството Христово.

Круна на целокупната програма ќе биде големата Бадникова манифестација на 6 јануари, која ќе опфати повеќе од осумдесет градови и населени места во земјата и дијаспората. Централниот настан ќе се одржи на плоштадот „Македонија“, каде што, по завршувањето на бадниковата поворката што од 12:00 часот ќе тргне од Музејот на Град Скопје кон Божикната пештера на Плоштад „Македонија“, ќе биде изведена Божикната авантура – голема музичко-сценска изведба со учество на повеќе од 40 актери, музичари, пејачи.

По изведбата во Скопје, мјузиклот ќе биде прикажан и во Кочани, каде што потребата од надеж, поддршка и светлина е особено силна.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести