Балкан Прајм Турс ја претставува Македонија и поширокиот регион на еден од најзначајните меѓународни саеми за туризам, IFTM Top Resa во Париз, со фокус на автентичните искуства, гастрономијата, винската понуда и потенцијалот на земјата како компактна, безбедна и сè уште недоволно откриена европска дестинација.
Учеството на саемот е дел од заложбата на компанијата Македонија да биде претставена на релевантен, професионален и конкурентен начин пред тур-оператори, туристички професионалци и потенцијални партнери од европските и светските пазари.
Годинешното издание на IFTM Top Resa, кое се одржува од 15 до 17. септември, ја става во центар „вредноста на патувањето“ и ги отвора темите што ја обликуваат иднината на туризмот: персонализација, одржливост, автентичност, локална економија и подлабоки искуства.
Според Балкан Прајм Турс, современиот турист сè помалку патува само за да „види“ нова дестинација, а сè повеќе за да ја доживее преку нејзината култура, храна, луѓе, природа и секојдневен ритам. Токму затоа гастрономијата станува еден од најсилните мотиви за патување и важен канал преку кој Македонија може да гради препознатливост на мапата на европскиот туризам.


„Македонија има вкус што светот треба да го открие. Имаме домашна кујна, плодна земја, винска традиција, свежи продукти, медитеранско-балкански ритам и гостопримство кое не се учи од прирачник. Од ајвар и тавче-гравче до тиквешко вино, од планински сирења до охридска риба – нашата гастрономија има приказна, а токму приказните се она што денешните патници го бараат“, изјави Влатко Сулев од Балкан Прајм Турс.
Од компанијата посочуваат дека туристите денес сакаат да знаат од каде доаѓа храната, кој ја подготвува, зошто е посебна и каква традиција стои зад неа. Затоа гастрономијата не треба да биде само дополнителен елемент во туристичката понуда, туку централен дел од промоцијата на земјата, заедно со природните убавини, историјата, културното наследство и активниот туризам.
На саемот во Париз јасно се издвојуваат и други трендови што се важни за идната туристичка понуда: употреба на вештачка интелигенција за персонализирано патување, поголема одговорност кон одржливоста, екомобилност, патувања надвор од класичната висока сезона, како и зголемен интерес за автентични и помалку откриени дестинации.
Како дел од својата понуда, Балкан Прајм Турс развива туристички концепти насочени кон различни пазари и интереси, меѓу кои Macedonia Wine & Food Week за љубителите на гастрономијата и виното, Macedonia Mountain Escape за активен и планински туризам, Ohrid + Active Macedonia за комбинирани езерски и авантуристички искуства, Ancient Macedonia Experience за културно-историски тури и Slow Macedonia за премиум туристи што бараат подолго, посмирено и подлабоко патување.
Од Балкан Прајм Турс нагласуваат дека присуството на агенциите за дојдовен туризам на меѓународни саеми е значајно не само за бизнис поврзување, туку и за пошироката туристичка промоција на земјата. Со професионална презентација, јасно позиционирање и понуда заснована на автентични искуства, Македонија може да стане сè попривлечна дестинација за туристи со поголема куповна моќ и интерес за патувања во текот на целата година.













