Советот на Народната банка, на редовна седница, го усвоил Годишниот извештај за 2025 година и Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во 2025 година, при што било оценето дека централната банка успешно ги остварувала своите цели во текот на годината, придонесувајќи за одржување на ценовната и финансиската стабилност, информираат од таму.
Советот заклучил дека банкарскиот систем и натаму е стабилен и отпорен. Според Извештајот за ризиците во банкарскиот систем, во 2025 година, бил остварен солиден раст на банкарските активности, при засилена кредитна поддршка на економијата и стабилна депозитна база.
„Показателите за стабилноста на банкарскиот систем се поволни – капиталната позиција е дополнително зајакната, ликвидноста е на задоволително ниво, а квалитетот на кредитното портфолио е подобрен, при што стапката на нефункционални кредити се намали на историски најниското ниво од 2%.
Истовремено, стрес-тестовите укажуваат на добар капацитет на банкарскиот систем за справување со потенцијални шокови, што ја потврдува неговата отпорност и стабилност.
И покрај позитивните движења, во Извештајот се наведува дека ризиците од надворешното окружување и натаму постојат, особено во услови на изразени геополитички тензии и неизвесност на светските пазари, при што се нагласува потребата од внимателно следење на состојбите и водење претпазливи политики за одржување на макроекономската и финансиската стабилност,“ велат од Банката.
На седницата, Советот донел измена на Одлуката за задолжителна резерва, со којашто од обврската за задолжителна резерва се исклучуваат новодоговорените обврски на банките кон нерезидентите во странска валута со договорна рочност над две години.
“Мерката има привремен карактер, со важност од две години, а е насочена кон поттикнување влез на долгорочен капитал од странство, како дополнителна поддршка за монетарната политика во услови на светска неизвесност“, велат од таму.














