Возачот бил без возачка и возел со неприлагодена брзина: Детали од Обвинителство за несреќата на „Туристичка“, во која загина 44-годишна жена

Основното јавно обвинителство Охрид донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица за “Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ од член 300 став 2 од Кривичниот законик, во врска со сообраќајната несреќа на булеварот „Туристичка” во која едно лице го загуби животот, а уште едно беше тешко повредено, информираа од таму.

„Првиот осомничен го извршил делото со директно загрозување на безбедноста во сообраќајот, односно во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик, бидејќи како учесник во сообраќајот на јавните патишта, управувал автомобил “фолксваген голф“ без да поседува возачка дозвола и со брзина неприспособена на својствата и состојбите на патот.

Поради тоа 21-годишникот изгубил контрола над возилото, навлегол на кружниот тек преминувајќи преку средишниот остров, возел надвор од коловозот и удрил во метален столб – канделабра на тротоарот. Потоа продолжил да се движи по тротоарот каде налетал на двајца пешаци и конечно удрил во бетонска ограда“, велат од Обвинителството.

Во несреќата била повредена пешакот Александра Божиноска, која починала на лице место, додека кај другиот пешак биле предизвикани тешки телесни повреди.

„Истрага е поведена и за сопатникот во автомобилот “фолксваген голф“, 18-годишен сопственик на автомобилот. Тој делото го сторил загрозувајќи ја безбедноста на сообраќајот со опасно дејствие или средство, односно во врска со член 298 став 1 од Кривичниот законик.

Иако бил свесен дека поради неговото постапување може да настапи штетна последица, односно дека неговиот другар не поседува возачка дозвола и може тешко да ја загрози безбедноста на сообраќајот и да го доведе во опасност животот на луѓето, вториот осомничен му го дал возилото во негова сопственост да го управува,“ велат од таму.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

44-годишна жена загина на „Туристичка“ во Охрид откако возило изгубило контрола и удрило во неа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести