Македонија денеска го обележува Денот на македонската Армија.
Бројни испитувања на јавното мислење во земјава низ годиниве покажаа дека токму македонската Армија е институцијата во која граѓаните имаат најголема доверба.
Како се роди?
На 17. ноември 1991 година македонското Собрание го усвои Уставот на Република Македонија, според кој Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава, а територијалниот интегритет и независноста на земјава ги штитат вооружените сили на Републиката.
Според членот 122 од Уставот, одбраната на Републиката се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
На 14. февруари 1992 година Собранието го изгласа Законот за одбрана на Република Македонија, според кој Армијата е вооружена сила, а „одбраната на Републиката ја остваруваат граѓаните, органите на државната власт и вооружените сили како армија на Република Македонија“.
На 21. февруари 1992 година тогашниот претседател Киро Глигоров и заменикот на сојузниот секретар за народна одбрана на СФР Југославија Благоја Аџиќ склучија договор за дислокација на Југословенската народна армија (ЈНА) од територијата на Македонија, со што започна процесот на воено осамостојување на Македонија.
На 11. март, на караулата „Рамна нива“ на македонско-бугарската граница кај Крива Паланка, постариот водник Сонко Ангеловски, при преземањето на караулата, за прв пат на македонски јазик ја презеде должноста командир на караула.
На 20. март заврши примопредавањето на граничните објекти – караули на Македонија со соседните држави Албанија, Бугарија и Грција. Најголемиот воен објект на територијата на Македонија, касарната „Илинден“ (тогаш „Маршал Тито“) во Скопје беше преземена на 26. март.
Македонија ја презеде контролата над целата своја територија со своја војска на 27. март. За тоа беше потпишан договор меѓу претседателот Глигоров и генералот на ЈНА, Никола Узелац. Тој ден последниот војник на Југословенската народна армија ја напушти територијата на Македонија.
На 17. март истата година, за време на приемот на делегацијата на Словенија предводена од претседателот Милан Кучан, за прв пат при прием на висок гостин беше интонирана македонската државна химна „Денес над Македонија“ и за прв пат командант на почесна единица, полковник Стефан Лазаревски, на македонски јазик му рапортираше на еден претседател кој допатувал во официјална посета на Македонија.
Со повлекувањето на опремата и вооружувањето со кои располагала ЈНА на територијата на Македонија, државата остана со скромни борбени средства и воена опрема во рамките на Територијалната одбрана.
Но, успешно започна спроведување на обука и подготовка на новоформираната Армија на Република Македонија за извршување на нејзината уставна улога и задачи.
По завршувањето на сите подготовки за прием на првата генерација македонски војници, на 14. април 1992 година во гарнизонот во Охрид пристигна првиот регрут, Панче Јамандиев од Велес.
Следниот ден во касарните во Скопје, Битола и Штип пристигнаа и првите регрути од редовниот состав на Армијата на Република Македонија.
Првата класа регрути од регрутниот состав на Армијата даде свечена обврска на 9. мај во касарната „Маршал Тито“ (денес „Илинден“) во Скопје.
Пристигнувањето на првите регрути на Армијата на Република Македонија и нејзиното воено осамостојување беа симболично одбележани на 17. април со откривање на нова плоча на Домот на Армијата во Скопје од страна на претседателот Глигоров, на која беше поставен натпис „Република Македонија, Дом на Армијата – Скопје“.
Користени материјали од mk.wikipedia.org.
Фото: АРМ














