На 11. октомври 1941 година, македонскиот народ го подигна првото антифашистичко востание во поранешна Југославија и на Балканот. Тој ден е запишан како еден од најсветлите датуми во историјата на Македонија, симбол на решителноста на македонскиот човек да се бори за слобода, достоинство и национална самобитност.
„11. октомври 1941 година е еден од најсветлите датуми во поновата историја на македонскиот народ. На тој ден македонскиот народ, рамноправно со повеќе слободољубиви балкански и европски народи крена вооружено востание против фашистичкиот окупатор во Македонија, против германскиот, бугарскиот и италијанскиот фашистички окупатор.
Со симболичната акција на двата партизански одреди, прилепскиот и кумановскиот на 11. октомври беше означен официјалниот почеток на ова востание,“ вели историчарот проф. д-р Никола Жежов за еМагазин.
Тој истакнува дека огромното значење на ова востание е неговиот антифашистички, ослободителен и државотворен карактер.
Во ноќта меѓу 11 и 12. октомври, група патриоти од Прилеп, предводени од Мирче Ацев, Кузман Јосифовски – Питу и други борци, го нападнаа бугарскиот полициски оддел и телефонско-телеграфската станица. Истовремено, во Куманово, беше нападната тамошната касарна. Тие херојски акции го означија почетокот на организираниот вооружен отпор против фашистичкиот окупатор.
Фото: Влада














