Денеска е последен училишен ден за основците и средношколците од учебната 2024/2025 година.
Летниот распуст ќе трае до 31. август.
Матурантите утре (11. јуни) ќе го полагаат вториот екстерен испит од државната матура. Првиот дел – задолжителниот испит по мајчин јазик, над 15. 000 матуранти го полагаа на 31. мај.
Полуматурантите, пак, овој месец треба да се запишуваат во прва година средно образование.
„Пријавувањето е преку линкот euslugi.mon.gov.mk со посебна најава за средношколци преку сопствените кориснички сметки на schools.mk.
Во јуни ќе има две електронски пријавувања на учениците.
Според Конкурсот на МОН, првото ќе биде од 00:00 часот на 14. јуни до 23:59 часот на 17. јуни, а доставувањето на потребната документација до училиштата – на 18. јуни и 19. јуни.
Второто пријавување во јунскиот рок ќе се врши на 30. јуни, а документите ќе ги доставуваат следниот ден, 1. јули,“ информираат од Министерството за образование и наука.