Основниот суд Кавадарци го осуди на доживотен затвор 43-годишниот С.И., кој на 27. јули годинава го уби својот помлад брат Илија Иванов.
Тој признал вина и во целост го признал начинот на извршување на убиството, а е осуден за убиство од користољубие, информираа од Основното јавно обвинителство.
Убиството се случи на роденденот на Иванов. Двајцата почнале да се расправаат, бидејќи обвинетиот верувал дека неговиот брат сака да го преземе целиот имот.
Па поттикнат од чувства на гнев и омраза, тој со тапиот метален дел од тесла го удрил Иванов по главата, а кога тој паднал, уште двапати го удрил со теслата, нанесувајќи му моментални смртоносни повреди.
Потоа си заминал, а следниот ден се вратил во домот на Иванов и телото го префрлил во бањата.
Во следните неколку дена се враќал за да го прикрие убиството, ја бришел крвта од подот и од предметите, а телото го пренел во шупата, го затрупал во ров и врз него ставил шперплоча и други предмети.
Во периодот од 30 јули до 5. август кога било откриено телото, обвинетиот во повеќе наврати повлекувал пари со банкарската картичка на Иванов.
Тој останува во притвор до почетокот на издржувањето на казната затвор.
Фото: Влада














