Две жени вдишиле чад при пожар во с.Чаниште, каде што се зафатени и објекти

Пожарот во прилепското с. Чаниште зафатил повеќе објекти, меѓу кои најмалку една куќа што се користела за живеење и една штала, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов. Две жени вдишиле чад, при што им била пружена помош од страна на екипи на Итната медицинска помош кои биле на терен.

„Дополнително ќе ја утврдиме точната бројка на зафатени куќи. Зафатен е и еден објект, релативно нова штала, која исто така е изгорена“, рече Ангелов.

Благодарение на интервенцијата на прилепските пожарникари, ширењето на огнот низ селото било запрено и, според Ангелов, била спречена многу поголема катастрофа. Сепак, пожарот потоа продолжил да се шири надвор од селото во два различни, дијаметрално спротивни правци.

Тој истакна дека условите дозволуваат интервенцијата да продолжи и во текот на ноќта, а целта е да се изгасне барем еден од двата активни крака.

„Ако успееме да изгаснеме еден од краците во текот на ноќта, ќе завршиме голема работа, бидејќи овој пожар има капацитет да прерасне во еден од најголемите пожари во оваа пожарна сезона“, истакна тој.

Дополнителен проблем претставува тешко пристапниот терен околу селото, кој е претежно карпест, со ридови, стрмни долови, густа вегетација, сува трева и трње.

Фото/Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.


  • Најчитани вести


  • Најчитани вести