Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) го зајакнува железничкиот транспортен сектор со кредит до 20,9 милиони евра во корист на АД Македонски Железници Транспорт Скопје (МЖТ).
Со ова финансирање ќе се овозможи купување до пет електрични локомотиви и имплементација на современ систем за планирање на ресурсите во претпријатието (ПРП), што е исчекор во напорите на земјата за модернизација на работењето на железничкиот сообраќај.
„Проектот е имплементиран од Министерството за транспорт, со поддршка на Министерството за финансии, и ќе овозможи МЖТ да го модернизира товарниот возниот парк, да ги зајакне ефикасноста и квалитетот на работење , и да ја подобри безбедноста на возниот парк.
Инвестицијата се очекува да донесе значајни економски и еколошки придобивки. Преку зајакнување на конкурентноста и одржливоста на железничкиот транспорт, се поддржува транзицијата кон позелен и поконкурентен транспортен систем. Дополнително, со воведување на системот за ПРП, ќе се поедностави основниот деловен процес на МЖТ, поттикнувајќи натамошна оперативна ефикасност.
Проектот има за цел да го зајакне работењето на МЖТ, преку креирање на Корпоративен План за Развој , кој ќе ја подобри ефикасноста на компанијата и нејзината финансиска одржливост. Тој ќе вклучи изработка на акционен план за ефикасност, со специфични мерки за подобрување на тарифната методологија, како и ажурирање и хармонизација на методологијата за обврските на јавниот сервис согласно барањата на Директивите на Европската Унија. Покрај технолошките подобрувања, ќе поддржи и родова еднаквост и ќе помогне во зајакнување на поинклузивна и прогресивна работна средина во МЖТ,“ велат од ЕБОР.
Фатих Туркменоглу, претставник на ЕБОР за Македонија изјави дека оваа инвестиција претставува унапредување на националната транспортната железница.
„Преку поддршка на обновувањето на возниот парк и корпоративните подобрувања на националниот железнички оператор, ЕБОР помага во поттикнување на конкурентноста, безбедноста и одржливоста на транспортната мрежа во земјата. Проектот не само што ќе испорача видливи еколошки придобивки, туку ќе постави и нови оперативни стандарди и еднакви можности во секторот. Оваа е важна инвестиција за поддршка на извозно ориентираните бизниси во земјата, во насока на нивна интеграција кон глобалните ланци на вредност, со што ќе се зајакне конкурентноста на приватниот сектор и ќе се креираат работни места, кои последователно ќе ја поддржат земјата во справување со проблемот на одливот на населението,“ вели Туркменоглу.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, изјави дека договорот за заем е резултат на интензивни и конструктивни преговори и претставува потврда за довербата што меѓународните финансиски институции ја имаат во политиките и во насоката во која се движи државата.
„Условите под кои се обезбедени средствата – долгорочен рок на отплата, поволен грејс период и конкурентна каматна стапка – се во целосна согласност со нашата стратегија за одговорно управување со јавниот долг и обезбедување одржливи јавни финансии“, рече министерката и додаде дека како Министерство за финансии, остануваме целосно посветени на обезбедување финансиска поддршка за проекти кои носат долгорочна економска вредност, го поттикнуваат развојот и ја подобруваат поврзаноста на државата со регионалните и европските транспортни коридори,“ изјави Димитриеска Кочоска.
Министерот за транспорт, Александар Николоски, изјави дека со новата флота од пет локомотиви и постојните четири понови, ќе се располага со девет модерни локомотиви кои ќе можат целосно да го покријат карго-превозот, а дел од нив да се користат и во патничкиот сообраќај.
ЕБОР е главен институционален инвеститор во државата и до денес има инвестирано над 3 милијарди евра во над 200 проекти во земјата.














