Третиот Регионален состанок на засегнатите страни на FSC® се одржа во Сараево, Босна и Херцеговина од 20 до 22. мај 2026 година, настан важен за подигнување на стандардите во шумарскиот сектор и поттикнување на одржливоста на добавувачките ланци во земјите од регионот Адриа Балкан.
Повеќе од 40 експерти за шумарство, истакнати членови од академската фела, претставници на институции и невладини организации, како и други професионалци, се собраа за да дискутираат за важноста на FSC сертификацијата за регионот.


Регионалниот настан понуди разновидни панел дискусии, како и информативни презентации кои дадоа вредни перспективи за управување со шумите и увид во структурата на FSC со идни решенија за носителите на сертификати, како и практични работилници фокусирани на важноста на FSC сертификацијата во регионот.
Средбата започна со предавање од Давид Петенела, професор од Универзитетот во Падова, Италија за историската и сегашната улога на регионот на европскиот пазар на дрво.
Потоа следеа тркалезни маси со членови на институции од регионот за улогата на националните шуми во сегашноста и иднината.
Денот заврши со дискусија за важноста на присуството на FSC во регионот повеќе од 25 години.
Маркетингот, комуникациите и медиумското ангажирање за сертифицираните компании во регионот беа во центарот на вниманието на вториот ден. Сесијата имаше и практичен дел кој започна со панел дискусија со новинари кои ги споделија своите искуства за тоа како да се раскажат моќни приказни и да се вклучи публиката во значајни прашања за шумарството.
Националниот претставник на регионот Адриа-Балкан, Диего Флоријан, вели дека трета година по ред, најрелевантните FSC сертифицирани менаџери на шуми покажуваат интерес да бидат информирани за алатките, стандардите и новите маркетинг и комуникациски ресурси на FSC.
Средбата беше можност да се признае и почитува посветеноста кон FSC во регионот. Дванаесет од најдолготрајните меѓународни членови на FSC и најпосветените поддржувачи и амбасадори добија награди за извонредност. WWF Adria пак, беше признаен за својата улога како промотор и поддржувач на FSC сертификацијата во Хрватска и Босна и Херцеговина.
„Оваа година го проширивме опсегот на засегнати страни за да ја следиме основната цел на FSC – да гарантира отворен, балансиран дијалог кој подеднакво ги вреднува социјалните, еколошките и економските перспективи. Конечно, сакавме да ги прославиме и најдолготрајните сертификати во регионот – со „Хрватски Шуми“ и “Сараево-шуми“ кои имаат 24 и 20 години континуирана сертификација”, додава Флоријан.
Настанот станува сè поважен секоја година благодарение на зголемениот број засегнати страни кои се приклучуваат на иницијативата. На последниот ден, “Сараево-шуми“ и Кантоналната јавна институција за заштитени природни подрачја на Сараевскиот кантон организираа теренска екскурзија до Споменикот на природата ,,Скакавац“, кој е сертифицирана заштитена област од FSC. Учесниците научија за практиките за управување со шуми со цел зачувување на огромниот биодиверзитет што го одржува оваа шума која е заштитена во рамките на FSC.
Фото: FSC














