Во Хрватска од 1. јуни стапија на сила нови царински правила, согласно регулативата на Европската унија (ЕУ), кои освен за транспортерите, се однесуваат и на граѓаните кои патуваат таму, пренесуваат регионалните медиуми.
Па така, полнолетните патници можат да внесат до 40 цигари, еден литар жесток алкохолен пијалак со повеќе од 22% алкохол или два литри пијалаци со пониска алкохолна содржина, четири литри вино и до 16 литри пиво.
Во делот на храната забрането е внесување месо, млеко, како и производи што содржат месо или млечни состојки. Исклучок се производи како мед, јајца, храна за бебиња и специјална храна за домашни миленици, кои можат да се внесуваат во количество до два килограми, под услов да не бараат ладење пред отворање.
Без посебни ограничувања останува внесувањето леб, колачи, чоколадо и тестенини, доколку се наменети за лична употреба.
Градежен материјал, мебел, резервни делови и слични производи не се сметаат за личен багаж на патник и за нив се применува редовна царинска постапка.
Непријавените производи кои ги надминуваат дозволените количества ќе бидат одземени и уништени, а може да заработите и парична казна.
Исто така остануваат на сила и ограничувањата за ослободување од плаќање царина и ДДВ. Па, така, патниците кои пристигнуваат по воздушен или поморски пат можат да внесат стоки во вредност до 430 евра, додека лимитот за патен и железнички сообраќај изнесува 300 евра. За лица помлади од 15 години максималната вредност е ограничена на 150 евра.
Фото: Унсплеш













