Напредокот на Северна Македонија во однос на реформите на патот кон Европската Унија е недовелен, особено во делот на владеењето на правото, судските реформи и борбата против корупцијата, се вели во соопштението по повод изгласувањето на извештајот подготвен од европратеникот и известувач за земјава во Европскиот парламент (ЕП), Томас Вајц.
Европратениците ја нагласиле својата поддршка за посветеноста на државата кон членството во Европската Унија, но нагласиле дека напредокот во преговорите за пристапување продолжува да зависи од трајни и длабински реформи.
„Пратениците жалат за недостигот на напредок од последниот извештај и нагласуваат дека итно се потребни обновена политичка посветеност и меѓупартиска соработка, не само за усвојување на потребните уставни амандмани што би овозможиле отворање на првиот преговарачки кластер“, се вели во соопштението.
Во однос на политичката поларизација, ги повикуваат сите политички партии да се повлечат од жестоката реторика и да соработуваат во унапредувањето на европската траекторија на земјата.
Европратениците изразиле загриженост за недоволниот напредок во делот на независноста на судството и напорите за борба против корупцијата.
Од тука тие предупредуваат дека корупцијата останува распространета во многу области и укажуваат на јазот помеѓу објавените истраги и конечните пресуди во случаите на корупција на високо ниво. Пратениците нагласуваат и дека одржливиот економски раст на земјата зависи од зајакнувањето на владеењето на правото и судската предвидливост.
Европратениците, исто така, предупредуваат на координирани обиди за манипулирање со информативната средина и поткопување на довербата во демократските институции и европската иднина на земјата преку непријателско странско мешање и кампањи за дезинформации.
Фото/Игор Бансколиев













