Преспанскиот Регион претставува вистинска лабораторија на отворено, што јасно го потврдуваат и тековните теренски истражувања на биолошката разновидност кои Македонското еколошко друштво ги спроведува во соработка со локалните заштитени подрачја како дел од проектот „Иницијатива за зелена и сина Преспа“, финансиран од Европската Унија во рамки на програмата „ЕУ за Преспа“.
Долж крајбрежјето на Преспанското Езеро е веќе отпочнат мониторингот на повеќе видови птици, вклучувајќи ги големиот северен нуркач, белиот пеликан и секако кадроглавиот пеликан – како еден од најрепрезентативните симболи на Преспа. Овие истражувања овозможуваат континуирано следење на состојбата со нивните популации и навремено препознавање на потенцијалните закани со кои се соочува живиот свет во езерскиот екосистем.
Особено внимание се посветува и на влажните живеалишта и нивните жители. Во фокусот на истражувањата се македонскиот мрморец, жолтиот мукач и блатната желка – клучни видови чиј мониторинг дава значајни информации за состојбата со влажните екосистеми, кои сè почесто се изложени на притисоци од климатските промени и човековите активности.
Островот Голем Град продолжува да го привлекува вниманието на меѓународната научна јавност. Здружен тим на истражувачи од Република Северна Македонија, Србија, Грција и Франција учествуваа во годишните студии на неколку видови влекачи, меѓу кои змиите-рибарки, поскокот и шумската желка.
„Овогодинешните истражувања укажуваат на позитивните ефекти на необично влажната пролет, видливи не само во нивото на езерската вода и во снежните покривки на високите падини на Галичица и Пелистер, туку и во големиот број на заловени и обележани животни на Голем Град (>500). Меѓу другото, за прв пат по многу години успеавме да обележиме голем број на бебиња и млади шумски желки. Тие се поактивни од вообичаено заради обилната храна во интензивната зелена пролетна покривка на островот.
Ова навидум нуди надеж за оваа популација на која и се ближи истребување, но сепак, најверојатно е само резултат на влажната пролет, додека пак малиот број на јајца забележани во островските женки, во споредба со оние од копното, нѐ потсетува на трагичната судбина на оваа популација. Можеби следната година ќе сведочиме подобра ситуација потпомогната од наталожените резерви од оваа година, но генералните климатски проекции ни укажуваат дека оваа година е само исклучок во една многу сушна иднина,“ објаснува Драган Арсовски од Македонското еколошко друштво.
Собраните податоци од сите овие истражувања, заедно со истражувањата на ренџерските служби на Паркот на природата „Езерани“ при Општина Ресен и националните паркови „Галичица“ и „Пелистер“, ќе бидат интегрирани во единствена дигитална платформа која на различните засегнати страни ќе им овозможи сеопфатен увид во состојбата и трендовите со биолошката разновидност во регионот.
„Спроведувањето континуирани и систематски истражувања е неопходно за обезбедување релевантни податоци за состојбата со дивата флора и фауна во Преспа, како предуслов за паметно планирање на мерките за заштита, зачувување и одржливо управување со природното наследство на еден од најубавите и најуникатни прекугранични региони во Европа,“ посочува Даниела Заец, раководител на канцеларијата на Македонското еколошко друштво во Ресен.
Активностите за мониторинг на биолошката разновидност во Преспа се реализираат во рамки на проектот „Иницијатива за зелена и сина Преспа – Зајакнување на заштитата преку истражување, едукација и комуникација“, финансиран од Европската Унија (ЕУ) во рамки на програмата „ЕУ за Преспа“ и кофинансиран преку Фондот за природа „Преспа – Охрид“ (ПОНТ).
Покрај Македонско еколошко друштво, партнери во имплементацијата на проектот се Општина Ресен, Националниот парк „Галичица“, Друштвото за заштита на Преспа (SPP) од Република Грција и Друштвото за заштита и зачувување на природната средина во Албанија (PPNEA) од Република Албанија. Спроведувањето на проектните активности е поддржано од Министерството за животна средина и просторно планирање и Националниот парк „Пелистер“.















