Електродистрибуција успешно ја спроведе годишната инспекција на надземните водови

Во насока на обезбедување стабилен и сигурен пренос на електричната енергија, Електродистрибуција и годинава ги реализираше редовните годишни визуелни инспекции на 110 kV и 35 kV надземни водови на целата територија на државата, информираат од компанијата.

„Со теренски увид по целата траса на високонапонските и среднонапонските далекуводи, екипите извршија детална контрола на клучните елементи вклучувајќи ги проводниците, столбовите, овесната опрема и сигурносните растојанија, со цел навремено детектирање и превенција на потенцијални ризици.

Посебен акцент беше ставен на состојбата на столбните места и фундаментите, при што се евидентираа сите забележани недостатоци, оштетувања, присуство на вегетација и корозија, како и состојбата на заземјувањето. Дополнително, беа проверени проводниците, заштитните јажиња, спојните места и визуелните маркирања на далекуводите на премини над автопати, како и состојбата на заштитните коридори со фокус на контрола на вегетацијата и недозволена градба на објекти во овие коридори.

Електродистрибуција, континуирано со највисоко ниво на посветеност, ги реализира сите активности за одржување и модернизација на дистрибутивната мрежа,“ се вели во соопштението.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести